29.03.2023
Тренчевска: Ги означуваме последните чекори на кампањата „Гласна и храбра“
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска го започна денот со посета на „Преплет“ женско претприемништво, продавница за подароци формирано од успешни жени и функционира веќе 10 години.
Министерката беше пречекана од страна на сопственичките на „Преплет“, графичките дизајнерки, Викторија Лаговска Хајредин и Магдалена Аврамовска архитектката Емилија Ланговска и нивните две вработени Фросина Крстевска и Сандра Костовска.
Во рамки на кампањата „Гласна и храбра“ Министерството за труд и социјална политика остави трага на местата каде што се одржаа настаните за економско зајакнување и ментално здравје со семиња од цвеќе. „Преплет“ ги дизајнираше производите кои беа дел од кампањата, а имаа за цел да ја пренесат пораката на „Гласна и храбра“.
За време на посетата на продажното место и работилницата на „Преплет“ беше разговарано за инспирацијата за работа, историјата на нивниот бизнис и нивната мрежа на купувачи. Овој бизнис претставува и пример за инклузија. Во изминатите години поддржани од мерките на Фондот за иновации и технолошки развој имаат дизајнирано маици испишани на Брајово писмо.
Сопственичките ја известија министерката за уште една нивна иновација – Подароматот кој може да им овозможи на купувачите да купат од нивните производи во било кое време од денот.
„Вие сте пример за тоа дека со ентузијазам, упорност и решителност може да се успее! Токму како пораката на семето, порака за успех“, посочи Тренчевска за време на посетата.
Министерката ја поздрави нивната иницијатива и се заблагодари за нивниот труд што ја одбележа кампањата „Гласна и храбра“ со што се остави трага и се даде вистинската нота и насока.