Македонија вработува #2
Проектот “Македонија вработува” беше инициран со цел намалување на невработеноста преку отворање на нови работни места со опфат на различни категории на невработени лица кои потешко стапуваат на пазарот на трудот. Пакетот на мерки кои овозможува поволности за компаниите како ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за секој нов вработен во рамки на проектот допринесе 10140 компании да вработат 19000 лица за само една година. Владата на Република Македонија следејќи ги потребите на работодавачите и заложбата за создавање на што поголем број работни места продолжува со реализацијата на проектот МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА 2.
Со новиот пакет мерки се очекуваат 20.000 нови вработувања со намалени трошоци за работодавачите а со тоа и решавање на егзистенцијалното прашање на илјадници граѓани кои го чекаат своето прво вработување. Проектот дополнително ќе го стимулира развојот на бизнисот а со тоа и економијата во државата.
Пакетот мерки опфаќа пет категории:
Прва група: невработени лица до 35 години возраст, кои што претходно немале заснован работен однос или кои имале претходно заснован работен односно пред вработувањето согласно мерката биле невработени најмалку три месеци. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход, за оваа група на период во траење од 3 години сметано од денот на вработувањето при што работодавачот е должен да го задржи лицето уште 1 година по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси и персонален данок на доход.
Втора група невработени лица на возраст од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмногу 5 години во работен однос и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавачоткој ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјалноо сигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето при што е должен да го задржи лицето уште 1 година по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Трета група невработени лица на возраст над 50 години и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавач кој ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 60 месеци сметано од денот на вработувањето. Работодавачот нема обврска да го задржи дополнителни месеци на работа по искористување на мерката.
Четврта група се однесува на највозрасните работоспособни невработени лица над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот кој ќе вработи лице ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија.
Петта група невработени лица кои се родители на три или повеќе деца и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; самохрани родители и членови на еднородителско семејства кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно Закон за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додатокнајмалку три месеци пред вработувањето. Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход се однесува на период во траење од 5 години сметано од денот навработувањето.
Проектот МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА ќе се применува 1 година од стапување во сила на законските измени и сите компании коишто ги исполнуваат условите ќе можат да почнат да ги користат поволностите во овој период. Исто така ги предвидуваме и следниве заштитни механизми за спречување на злоупотреба на самите поволности. Работодавачот од приватниот сектор, по претходно поднесено барање до Агенцијата за вработување на РМ, ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход доколку ги исполни следните општи услови:
-невработеното лице кое сака да го вработи, во последните две години да не било претходно вработено кај истиот работодавач кој ќе користи мерка за ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход;
- невработеното лице кое сака да го вработи, во последните две години, да не било претходно вработено кај работодавач кој има сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот кој ќе користи мерка за ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход;
- да не го намалил бројот на вработени лица сметано од 15.05.2016 години до денот на вработувањето на нови работници, освен во случаи на смрт или пензионирање. Доколку работодавачот го зголемил бројот на вработени лица сметано од 15.05.2016 години до денот на вработувањето на нови работници, согласно мерките да не го намали вкупниот бројот на вработени лица до денот на вработувањето на новите работници.
- да нема неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и други даноци повеќе од два последователни месеци.
Користењето на мерките престанува доколку работодавачот кој по вработувањето на лица согласно мерките има долг по основ на неисплатена плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци за два последователни месеци и должен да го плати износот на средства за кој бил ослободен од плаќање за изминатиот период.
-Работодавачот кој нема да го задржи лицето ( од категорија I до 35 години и категорија II од 35 до 50 години) за уште 12 месеци по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход е должен во рок од 30 дена да го уплати износот на средства за кој бил ослободен од плаќање за изминатиот период.
-Работодавачот е должен да не го намали вкупниот број на вработени за кои не користи ослободување за целиот период за кој е ослободен од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, освен во случаи на смрт или пензионирање, а во спротивно е должен да го врати целиот износ на средствата за коишто бил ослободен во периодот до намалувањето на бројот на вработените.
- Доколку работодавачот го откаже договорот за вработување од основани причини согласно со Законот за работните односи, е должен во рок од 30 дена на негово место да вработи друго невработено лице од истата категорија за преостанатиот период за којшто користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход и преостанатиот период за кој има обврска да го задржи лицето во работен однос.
-Доколку при вршењето на инспекцискиот надзор инспекторот за труд утврдил дека работодавачот сторил неправилност од одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност , работодавачот нема да може повеќе да поднесува барање за ослободување од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход,
Со проектот Македонија вработува 2 ќе се зголеми вработеноста и ќе се овозможи уште поблиска соработка со бизнис секторот. “Борбата за нови работни места продолжува”.