22.03.2023
Република Северна Македонија е мозаик од различности, но е едно општество за сите
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се сретна и со жени во Радовиш од различна етничка припадност како и жени кориснички на услуги и права од Центрите за социјална работа. Заедно со директорот на Центарот за социјална работа во Радовиш, Александар Филев и претставниците на Министерството за труд и социјална политика и жените од Радовиш во рамките на кампањата „Гласна и храбра“ се разви дискусија за секојдневните предизвици во општината.

Жените кои беа присутни на дискусијата беа активно вклучени и несебично ги раскажаа предностите и предизвиците на секојдневниот живот во Радовиш.
Темата беше во насока на начинот на живот на радовишани, можностите за вработување во општината како и можностите за доквалификација и преквалификација.
Од страна на министерката за труд и социјална политика беше истакната важноста на економското зајакнување и менталното здравје, таа ги поттикна жените кои досега не биле во работен однос да се охрабрат и да се вклучат на пазарот на труд.

Како што Тренчевска објасни на средбата од особена важност е финансиската стабилност во поодминати години од животот. За таа цел беа дискутирани новите можности за вработување кои ги нуди Европа како и усогласувањето на законските регулативи на нашата држава за да може соодветно да одговориме на тие можности.
На крајот од средбата беше отворена и темата за предучилишното воспитание и за важноста од раниот детски развој.

Министерката ги посоветува присутните дека од особена важност е децата Роми да бидат вклучени во предучилишните установи подеднакво како и другите деца.
Тренчевска посочи и на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ кој несомнено придонесе во поголема вклученост на децата во предучилишното образование и воспитание.