01.03.2023
Лични искуства и силни пораки од Конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“
На конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, на панелот два за искуствата со говорот на омраза зборуваа министерките за одбрана и култура, Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска Стојчевска, генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова и Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Министерката за обрана, Славјанка Петровска го сподели своето лично искуство на родова дискриминација, поддршката од блиските, но и нејзиниот одговор на личните навреди и напади веднаш по стапувањето на функција министерка за одбрана.
„Залудно почнуваат борба против било која жена затоа што ние сме истрајни, ама сме уште посилни кога сме нападнати и веројатно една од причините поради која денеска уште седам како министерка за одбрана и покрај сите напади на кои што јас се соочив, а сите вие бевте сведоци е токму поддршката која што ја добив пред се од моите пријатели, пријателки“, рече Петровска.
„Мојата порака е многу јасна: Со говор на омраза не се служат луѓе кои имаат капацитет да создадат дела - се служат луѓе кои го немаат тој капацитет и на кој не им останува ништо друго туку да бидат демотивирачки настроени и да сакаат да ги запрат оние тргнале да го променат светот на подобро", потенцира Петровска.
„Ако најубавите стихови, ако најубавите зборови, најубавите композиции биле напишани, создадени за жена, тогаш се прашувате кои се тие жени, какви се тие музи? Ако ги прочитате пак, статусите на социјалните мрежи, каде жената наместо муза е мета, се прашувате кои се тие мажи, какви се тоа мажи ? И сė додека родово обоените зборови се лесно изговорливи, не очекувам многумина да разберат дека секој човек има подеднакво право на избор. И културата и уметноста не биле подеднакво достапни за жените низ вековите. Многу жени твореле под машки имиња. Но, не се смениле времињата, туку се разгорела свеста кај жените дека и тие имаат достојна вредност за да станат дел и да остават трага во културата и во уметноста. Исто и во политиката. Ако, како што се вели, политиката постои откако постои и човештвото, дури во минатиот, 20-ти век, жените се изборија да бидат гласот во неа, а потоа и дел од неа,“ беа дел од пораките во обраќањето на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова, во своето обраќање истакна дека, жената политичарка е двојно дискриминирана и изложена на говор на омраза, еднаш пред да стигне на изборна листа и втор пат кога ќе влезе во политичката арена. „Говорот на омраза ги повредува жените и им го забавува политичкиот развој, но тие се одважни, храбри, гласни и непоколебливи да го продолжат патот на политичко дејствување за подобро општество, за целосна родова еднаквост,“ рече Иванова.
„Борбата за еднаквост на жените значи борба на сите полиња во општеството, а улогата на сите жени политичарки/носители на јавни функции, е од особена важност. Тие имаат моќ и простор директно да влијаат на политиките кои директно ги тангираат жените и без оглед на партиската припадност, за тие прашања треба да имаат единство. Говорот на омраза е еден од тие феномени кои бара здружена борба и особено на јавната сцена каде тие делуваат и најчесто се мета на напади. Таа борба сепак највеќе треба да биде фокусирана на жените кои не се во позиција на моќ и немаат ресурси на каков било начин да се заштитат. Јавната функција пред се и над се претпоставува заштита на јавниот интерес, правата и слободите на граѓаните,“ Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.