08.03.2021
Министерката Шахпаска: Со заедничка работа ќе постигнеме социјалната кохезија во пост-кризниот период кој следува
Денес, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, се обрати на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на кој беше презентирана „Анализата на влијанијата на КОВИД-19 врз родот и различностите“, нејзините главни наоди и препораки.

Оваа анализа има за цел да даде одговор на прашањето на кој начин мерките преземени од Владата на Република Северна Македонија, влијаат врз жените и мажите, но и на различните социјални групи меѓу жените и мажите.
“Министерството за труд и социјална политика согласно своите надлежности придонесе мерките кои се креираат за справување со штетните последици од пандемијата со Ковид – 19 покрај другото да бидат насочени кон ранливите групи на граѓани и истите да бидат родово сензитивни. Предизвик е сите заедно да се посветиме на промена и прилагодување на целото општество кон новата реалност. Овој настан треба да претставува мотив и започнување на консултативен процес за нови законски решенија и нови мерки кои ќе ги таргетираат најпогодените групи, жените жртви на насилство, лицата со попреченост, повозрасните лица како и да помогнат во трансформација на економијата”, истанка министерката Шахпаска.
Таа информираше дека во завршна фаза е подготовката на нови законски решенија за родова еднаквост и за мобинг, кои ќе обезбедат дополнително унапредување на еднаквоста во општеството.
Министерката посочи дека и во време на најголема криза, жените ја покажаа својата сила и бестрашност и беа во првите борбени редови против пандемијата, претставувајќи го најголемиот дел од здравствените работници.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Клеменс Која изрази уверување дека тесната соработка меѓу ОБСЕ и Министерството за труд и социјална политика, како и партнерите од граѓанскиот сектор, ќе нè доближи до постигнување на целта – родова еднаквост.
“Анализата која беше изработена од нашиот тим, заедно со Центарот за истражување и креирање политики и граѓанските организации Радар, Полио Плус, Рурална коалиција и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, покажува дека пост- кризните периоди на опоравување можат да обезбедат можност „работите да се направат поинаку“ и да се изградат порамноправни системи и општества – да се изгради подобро. Потребата да се обезбеди унапредување на родовата еднаквост и да се спречи враќање назад, бара од сите нас долгорочно да ги разгледаме родовите јазови кои се влошија поради пандемијата со Ковид – 19, иако факт е дека тие постоеја во општество и пред кризата во Северна Македонија”, потенцираше амбасадорот Која.