17.07.2023
Тренчевска: Започна дистрибуцијата на свежо домашно овошје до сите градинки преку проектот „Здрав оброк за секое дете“
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Центар, го означија почетокот на дистрибуција на свежо овошје во градинките како дел од Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2023 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која ги вклучува сите градинки во државата и предвидува свежо сезонско овошје секој ден, за секое дете.
„Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболки во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по 1 (еден) килограм овошје неделно. Денеска започнавме со дистрибуција на кајсии, а во текот на следниот период ќе следува дистрибуцијата на останатите овошки кои се карактеристични за нашето поднебје,“ рече Тренчевска.
Дистрибуцијата на овошки започна со 90.000 килограми кајсии, низ сите градови и населени места во државава, до секоја детска градинка. Опфатени се сите детски градинки низ државата, односно сите 38.000 дечиња.
Министрите Тренчевска и Николовски и градоначаланикот Герасимовски учествуваа во креативните работилници со децата, на тема овошје, каде што заедно со децата правеа сок од овошје, колачиња и овошни салати. Децата имаа и ликовна работилница на тема овошје.
„Нашата цел е да ја подигнеме свеста за значењето на овошјето во секојдневната исхрана и ги развиваме навиките за негова консумација од најмала возраст. Здравата исхрана на децата од најмала возраст е од особено значење за нивниот правилен психо-физички раст и развој,“ порача Тренчевска.