25.07.2023
МТСП: Продолжуваат да важат мерките и препораките за заштита на граѓаните од високите температури
Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Продолжуваат да важат мерките и препораките за деновите: 26.07.2023 година (среда) и 27.07.2023 година (четврток).
Општите мерки кои треба да се почитуваат се следниве:
Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;
Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.