31.07.2021
Министерката Шахпаска: Ја отворивме 15 -та детска градинка за само 11 месеци, 167 дечиња од Неготино ја добиваат најсовремената градинка во државата
„Навистина ми претставува задоволство што денеска ја отвораме 15-та нова детска градинка за само 11 месеци, која ќе згрижи 167 деца од Општина Неготино. Граѓаните од оваа општина ја добиваат најсовремената градинка во државата градена согласно најдобрата пракса за просторно уредување и таа е целосно енергетски ефикасен објект“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешното отворање на новата детска градинка во Неготино.

„Она што е особено значајно за оваа градинка и сакам да го потенцирам е нејзината инклузивност. Градинката ќе ги опфати и децата во социјален ризик од материјална необезбеденост, децата со посебни потреби и децата од ромските семејства. Затоа што секое дете е важно и секое дете заслужува да има правилен детски развој, потенцираше министерката.

Градинката Темјанушка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка. Вредноста на Договорот за грант склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и Општина Неготино за нејзината изградба изнесува 69.6 милиони денари.


Министерката истакна дека за само 11 месеци со отворањето на нови градинки опфатот на деца е зголемен за околу 1150 деца, а истовремено тоа значи и нови вработувања на стручен кадар во нив.

Таа на децата им посака многу здравје и убави моменти во новата градинка, а на вработените во неа им порача со љубов да ја работат оваа професија која претставува најубавата на светот, а на градоначалникот уште многу успешни проекти.