06.07.2021
Министерката Шахпаска: Домот за стари лица "д-р Иван Влашки" од Берово го прошири капацитетот за 10 лица, МТСП инвестираше во негово опремување во вредност од над 1.300.000 денари
„За нас како Влада и ресорно министерство грижата за граѓаните, особено ранливите категории, почнувајќи од најмладата возраст па се до највозрасните граѓани е наш врвен приоритет“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешното отворање на новиот дел, третата ламела на Домот за стари лица "д-р Иван Влашки" во Берово.

Mинистерството за труд и социјална политика во овој проект учествуваше преку Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица, со набавка, испорака и монтажа на опрема во вредност над 1.300.000,00 денари.

„Со доградбата на Домот за стари лица во Берово, се обезбедија дополнителни 10 места, односно вкупно капацитет за 39 стари лица, како и вработување на 7 нови лица. Овозможивме достоинствени услови, со вклучена со психосоцијална и здравствена поддршка од стручни лица“, рече министерката Шахпаска.

Таа потенцираше дека покрај обезбедувањето на услови и сместувачки капацитети, министерството активно работи на децентрализација на социјалните услуги и наскоро во Општина Берово ќе биде достапна и услугата помош и нега во домот за стари и изнемоштени лица, како една од 19-те општини кои потпишаа договори за грант за развој на социјални услуги на локално ниво.

Министерката Шахпаска изрази благодарност за поддршката од Швајцарската амбасада и Источниот плански регион, затоа што преку форумите на заедниците на регионот, во партнерство со општините, се реализираат проекти кои се многу значајни за сите граѓани во државата.