16.02.2023

Жителите на населбата Волково за првпат добиваат градинка за 150 дечиња, инвестираме во грижата за децата

Децата до шест години од Волково, Општина Ѓорче Петров, добиваат пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој во нова градинка која за првпат е изградена во нивното населено место. Градинката „Сонце“ беше официјално отворена денеска, а веќе од 20-ти февруари ќе им посака добредојде на првите дечиња.

„Изградивме уште еден објект, уште една градинка, која, верувам, ќе донесе многу детски насмевки. Со новата градинка Сонце, решаваме еден повеќедецениски проблем за граѓаните од овој дел на градот. Грижата за нашите деца се наш врвен приоритет. Обезбедуваме континуитет во зацртаното со реализација на нови градинки или доградување на постоечките. Од 2017 година до денес, отворивме 75 градинки со опфат од 5.500 деца, а заедно со оваа, нова градинка, тој број го заокружуваме на вкупно 76, со што се згрижени 5.650 дечиња“, потенцираше премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните, заблагодарувајќи се на поддршката од Светската банка во реализацијата на изградба на градинката.

 Набројувајќи ги мерките на Владата, премиерот потенцираше дека платите на вработените во јавните установи за предучилишно воспитание и образование во изминатиот период се покачени и најави ново покачување.

„Не ги заборавивме ниту оние вклучени во воспитниот процес, воспитувачките, негувателките. Oд 2017 година досега, давателите на услуги, воспитувачките и негователките во градинките добија за околу 36% повисока плата. Со новото усогласување во месец март, овој процент ќе достигне нешто помеѓу 45-50% вкупно раст за последните 5 години“, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќање.

„Вложувањето во квалитетни инфраструктурни услови и проширување на капацитетите за згрижување на децата е наша клучна цел и прв чекор во обезбедување можности за квалитетен ран детски развој, а со тоа и за решавање на проблемот на родителите за згрижување на нивните деца. Од 2017 година до сега Министерството за труд и социјална политика и Владата имаат инвестирано во изградба и проширување на вкупно 75 градинки ширум земјата, меѓу кои е и оваа градинка. Тоа е најдобар показател за нашата посветеност во вложувањата во развојот на децата како најдобра инвестиција во иднината на земјата. Со други зборови, не можеме да зборуваме за развој и просперитет на земјата сѐ додека не инвестираме во грижата за децата уште од најмала возраст“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Во изградбата и опремувањето на градинката се вложени близу 103 милиони денари. Ова е деветта од вкупно 16 градинки кои се предвидени со Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка.

„Инвестирањето во предучилишното образование и раниот детски развој носи големи придобивки за децата и општеството во целина. Вложените четири долари денес, се враќаат како 16 долари во иднина. Инвестирањето јавни средства со цел да им се овозможи на децата пристап до стимулирачка, ангажирана, инклузивна и забавна средина за учење, значи добро потрошени пари на даночните обврзници. Нам во Светска банка ни е драго што ја поддржуваме земјата во нејзините напори да го зголеми бројот на слободни места за децата во градинките низ целата земја, а истовремено да го подобриме квалитетот на образованието што им се овозможува. Задоволни сме со досегашните имплементација на ваквите напори, како и со нивото на соработка што е воспоставено помеѓу централната и локалните власти. Работата за подобрување на стандардите за човечки капитал во Северна Македонија е заедничка одговорност и колективна добивка, која бара заедничка визија и напори да се направи повеќе и подобро за благосостојбата на земјата и нејзините граѓани“, рече Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово.

Во целокупната финансиска конструкција за новата градинка учествуваше и општината Ѓорче Петров која од општинскиот буџет издвои близу 10 милиони денари кои се вложени за изведување на градежните работи. Во оваа прилика градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски оцени: „Со отворањето на „Сонце“, значително го намаливме бројот на дечиња што со години чекаа на списоците за упис. Решаваме децениски проблеми во делот на згрижување и воспитно-образовен процес за нашите најмлади жители. Активно работиме на таа проблематика и продолжуваме со активности во правец на целосно елиминирање на овој проблем“.  

Оваа градинка, заедно со останатите што се градат ширум земјата, се дел од сеопфатната социјална реформа на Владата и Министерството за труд и социјална политика. Една од целите на оваа реформа е да се зголеми опфатот на децата во системот на предучилишно образование, до нивото од 60% до 2024 година, преку отворање на вкупно 7.500 нови места за прием на деца.

Градинката во Волково е изградена според најсовремени архитектонски стандарди што обезбедуваат безбеден престој на децата и ефективно учење низ игра. Карактеристично за оваа градинка е големиот кружен атриум со зеленило, како и посебно дизајнирано надворешното игралиште, во чија изградба се употребени локални материјали и овозможува безгрижна игра. Покривната конструкција на објектот е изведена така што во иднина отвора можност за зелен кров, како надоградување на високата енергетска ефикасност на објектот. Објектот е изграден од еколошки и енергетско-ефикасни материјали, а применет е комбиниран систем на греење и ладење со топлински пумпи, како и систем за централна подготовка на топла вода кој вo иднина може да биде приклучен и на фотоволтаици. Применото архитектонско решение на оваа градинка е добитник на годишната награда за најуспешно реализирано архитектонско дело што го доделува Асоцијацијата на архитекти.

Покрај згрижување и квалитетен ран детски развој, отворањето на градинката во Волково овозможи да се креираат и нови работни места за персоналот кој ќе се грижи за децата и за нејзиното функционирање. Во моментот во новата градинка се вработени 18 лица од кои поголемиот дел директно ќе бидат ангажирани во воспитно-образовниот процес, информираше Даниела Темелкова, директорка на градинката „Росица“ во општината Ѓорче Петров, во чии состав ќе работи и новата градинка во Волково.

Компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во чии рамки се реализира изградбата на оваа градинка, има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, преку подобрување на услугите за предучилишно образование, зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Во рамки на оваа компонента, се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }