1.07.2022
Тренчевска: Градење на систем кој што гарантира постојан раст на платите во јавниот сектор е решение на долг рок
„0д 2017 година наваму социјалниот дијалог е еден од приоритетите на Владата и секоја политика која што го допира правото од работен однос мора да помине низ дијалог. Сведоци сме дека во минатото голем број на политики кои што го допираат правото од работен однос се носеа надвор од социјален дијалог и од сослушување на работодавачите и работниците за кого овие политики се наменети,“ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Токму затоа, рече Тренчевска, и на први мај со вицепремиерот Битиќи и пред Сојузот на синдикати во рамки на генералниот штрајк кои беа пред МТСП излегов да ги поздравам и да кажам дека социјалниот дијалог продолжува и ја потенцирав важноста од градење на систем кој што гарантира постојан раст на платите. Носењето на нов закон за платите во јавниот сектор значи и нова методологија и нов општ колективен договор каде што ќе доуредиме и дополнителни права на вработените во јавниот сектор. Министерката информираше дека, платите во јавниот сектор ќе ја следат инфлацијата и зголемувањето на просечната плата.
Таа се осврна и на растот на минималната плата, која од 2017 година до денес е двојно зголемена. Во врска со останатите прашања кои се во насока на унапредување на работничките права, министерката го посочи, регресот за годишен одмор К-15 до крајот на 2022 година.
На прашањето во врска со растот на цените и мерките кои ги презема Владата во насока на заштита на граѓаните, министерката посочи дека во време на глобална криза, која ги зафати и силните економии, Владата како одговор на кризата донесе пакети мерки за поддршка на најранливите категории граѓани, и поддршка на стопанството.
„26 мерки Владата ги донесе на почетокот на годината со која што го ублажи притисокот на економската и енергетската криза, субвенциониравме 80% од сметките за електрична енергија на домаќинствата, донесовме мерки со кој што дадовме дополнителни средства на пензионерите, донесовме измени на законот за пензиско и инвалидско осигурување за усогласување на пензиите со трошоците на живот и со растот на просечната плата. Во септември пензионерите ќе го добијат ова усогласување и ќе биде одлично покачување и дополнителен буџет во семејството,“ рече Тренчевска.
Таа се осврна и на новиот пакет мерки кои заедно со Министерството за финансии се креираат, со оглед на прогнозите дека зимата ќе биде тешка на глобално ниво, а со цел е да се излезе во пресрет на граѓаните кои се во социјален ризик. Мерки ќе има и за реалниот сектор, кои што ќе придонесат да се ублажи ударот од сите предизвици со кои што како држава се соочуваме.
Министерката истакна дека министерството со ребалансот на буџетот има зголемување од 31 милиони денари, нови дополнителни средства за капитални инвестиции во детската заштита.