03.02.2022
Тренчевска-Сандри: Се продлабочува партнерската соработка со УНХЦР
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Претставничката на УНХЦР, Агенцијата за бегалци при Обединетите нации, Моника Сандри денеска одржаа протоколарна средба. Министерката Тренчевска рече дека во годината што претстои очекува Министерството и УНХЦР да ја продолжат соработката во јакнењето на институциите кои се справуваат со бегалците и мигрантите. На средбата се отвори и темата за дополнително продлабочување на успешната соработка на полето на меѓународната заштита и искоренувањето на бездржавјанството.
„Ја цениме поддршката што преку договор за партнерска соработка УНХЦР му ја дава на Минстерството за труд и социјална политика во постигнување на глобалните цели, меѓународните обврски на државата според конвенциите за човекови права, како и напредокот кон пристапувањето кон ЕУ. Ние како институција со помош на граѓанските организации и УНХЦР им помагаме на лицата кои се неевидентирани во матичната книга на родени, да ги ставиме во постојната законска рамка за да имаат пристап до образование, социјална, здравствена заштита и други услуги“, рече Тренечевска.
Претставничката на УНХЦР Сандри ја пренесе својата длабока благодарност за сите заложби и одличната соработка со Министерството за труд и социјална политика, кое веќе 20 години е клучен партнер. Таа се заложи за уште подлабока соработка и поддршка, особено во областите на институционално градење на капацитетите, заштита на правата, како и конечно искоренување на бездржавјанството со заеднички сили и во соработка со ОН и целото општество. Таа потенцира дека државата може да биде лидер во светот во решавање на бездржавјанството дури и пред рокот зацртан од Генералниот секретар на Обединетите нации, кој истекува во 2024 година.