18.04.2022

Тренчевска:  Услугата помош и нега во домот достапна и во Општина Струмица, корисници се околу 60 лица со попреченост и стари лица

На околу 60 лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица со навршени 65 години живот и други лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, од Струмица отсега ќе им биде достапна услугата помош и нега во домот. Услугата ќе ја обезбедуваат лиценцирани негуватели кои минаа низ серија стручни обуки. Тие секојдневно ќе им помагаат на овие лица, во извршувањето  на дневните активности, почнувајќи од лична хигиена, хранење, мобилност во домот, облекување, до поддршка при чистење, перење, готвење, набавки на намирници, помош за медицинска терапија и друго.

Покрај придобивките за старите лица, со оваа услуга  се овозможува и вработување на ранливи категории граѓани, како негуватели. Така реформата овозможува двојни придобивки за поквалитетен живот на две социјално ранливи категории граѓани. ​

Услугата помош и нега во домот е дел од социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, преку која за прв пат се вклучуваат надворешни партнери преку општините во давањето на социјални услуги. Здравствената установа ПУЗС „Отворено Срце” стана партнер на Министерството за труд и социјална политика за услугата помош и нега во домот заедно со општина Струмица.

На доделувањето на дозволата за вршење дејност министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека целта на услугата да биде достапна ширум земјата е во насока да им се олесни животот на граѓаните од третото доба и тоа во нивниот дом.

„Убедена сум дека успешните приказни ќе продолжат и дека среќните лица на корисниците ќе ги поттикнат организациите, како и општините да се пријавуваат на следните повици за развој на социјални услуги на Министерството за да им го подобрат животот на граѓаните во своите општини. Горда сум што преку Проектот за подобрување на социјални услуги обезбедуваме и стручна помош и поддршка на нашите највозрасни граѓани во нивниот дом, но исто така сум среќна што на овој начин се отвораат и нови работни места. Општина Струмица е една од 27-те општини каде се спроведува овој проект, “рече Тренчевска.

Социјалната реформа, цели кон деинституционализација и децентрализација на социјалните услуги, со активно вклучување на општините во овој процес. Преку компонентата на децентрализацијата општините играат важна улога во поттикнување и развој на услугите за граѓаните.

На овој аспект се осврна и градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов кој изрази особено задоволство што услугата е достапна сега и во општина Струмица.

„Обезбедувањето квалитетни социјални услуги за стари лица на локално ниво е важна активност за надминување на проблемите на грижа за старите лица, за поддршка и за промовирање на самостојното и достоинствено живеење на старите лица. Заедно со ПУЗС „Отворено Срце“ ќе работиме во насока на обезбедување најквалитетни услуги, да се подобри пристапноста и квалитетот на социјалните услуги што ќе им бидат понудени на старите лица, немоќните и лицата со инвалидитет во Општина Струмица. На овој начин систематски влијаеме на намалување на проблемите и нивно решавање на истите преку развој на локални социјални партнерства меѓу засегнатите страни во заедницата,” рече Костадинов.

За значењето на соработката и партнерствaтa за спроведување на услугата помош и нега во домот зборуваше и Стефанија Манасиевска, директорка на ПУЗС „Отворено Срце”.

„ПУЗС „Отворено Срце” Струмица, дава активен придонес во севкупните напори на Општината за поддршка на старите лица уште од самиот старт на своето работење. Со Општина Струмица спроведовме истражување и мапирање врз основа на кое е подготвена анализа за потребата од услугата помош и нега на стари лица во домашни услови. За таа цел, во рамки на проектот се реализираше обука, преку која 20 лица се стекнаа со сертификат за неговател за помош и нега во домот. Во периодот што следи ќе започнеме со испорака на услугата на нашите сограѓани со која ќе придонесеме кон подобрување на квалитетот на нивното секојдневно живеење, ”рече Манасиевска.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите обучени се околу 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1100 корисници.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }