Совет за регионална соработка (RCC- Regional Cooperation Council)

Советот за регионална соработка (RCC) претставува една сеопфатна рамка за регионална соработка. Оваа рамка ги вклучува учесниците на RCC од земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), како и припадниците на меѓународната заедница и донаторите, за прашања кои се важни и се од интерес за ЈИЕ, сè со цел да се промовира и унапреди европската и евроатланската интеграција на земјите од регионот.Советот за регионална соработка работи на развивање и одржување на политичка клима на дијалог, помирување, толеранција и отвореност за меѓусебна соработка, со цел да се овозможи спроведување на регионални програми насочени кон економски и социјален развој, во корист, пред сè, на луѓето во регионот.

Советот за регионална соработка официјално е формиран на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP-South-East European Cooperation Process), кој се одржа во Софија на 27 февруари 2008 година.

Советот е предводен од страна на Генерален Секретар, а Секретаријатот на организацијата се наоѓа во Сараево. Советот има и своја канцеларија за врски во Брисел.

Советот работи на воспоставување и постојано унапредување на соработката помеѓу земјите од регионот, во справувањето со предизвиците и адресирањето на потребите на регионот во делот на економскиот и социјалниот развој, енергијата и инфраструктурата, правдата и владеењето на правото, безбедноста, мобилноста, унапредување на поврзаноста и подобрување на конкурентноста во регионот, јакнење на институционалните и човечките капацитети.  

Повеќе информации за Регионалниот совет за соработка и неговата работа, на следниот линк: https://www.rcc.int/

Стратегија на Југоисточна Европа 2020 (SEE 2020 Strategy)

Соработката на Министерството за труд и социјална политика со Регионалниот совет за соработка и со земјите од регионот, меѓу другото, континуирано се остварува и во рамките на процесот на подготовка на Стратегијата на Југоисточна Европа 2020, нејзината имплементација, следење и известување.
На барање на владите на земјите од регионот и со поддршка од Европската комисија, во 2011 година Советот за регионална соработка (RCC) заедно со националните администрации, регионалните тела и релевантните иницијативи, го отпочна процесот на соработка за изготвување на една регионална стратегија за конкурентност и раст. Ваквата стратегија е заснована на изразитата потреба на регионот од поттикнување на просперитетот и креирањето на нови работни места, притоа недвосмислено истакнувајќи ја европската перспектива на сите земји од регионот.

Регионалниот Совет за соработка го водеше и координираше процесот на изготвување на Стратегијата која ќе се однесува на земјите од Западен Балкан и која ќе биде инспирирана од Стратегијата на Европската унија „Европа 2020“, истакнувајќи ја притоа неопходноста од силна и фокусирана регионална соработка во областите кои се од заеднички интерес.

Стратегијата на ЈИЕ 2020 за „Работни места и просперитет во европска перспектива“ е усвоена на Конференцијата на министри за економски прашања, во ноември 2013 година во Сараево.  Директни учесници во Стратегијата ЈИЕ 2020 се Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Повеќе информации за Стратегијата на ЈИЕ 2020, на следниот линк: https://www.rcc.int/pages/86/south-east-europe-2020-strategy

Регионален ESAP Проект (ESAP–Employment and Social Affairs Platform)

Министерството за труд и социјална политика остварува интензивна регионална соработка во рамки на имплементацијата на Регионалниот проект ЕСАП (Платформа за економски и социјални прашања), кој го имплементира Регионалниот совет за соработка (RCC) од Сараево. ЕСАП претставува регионален проект, финансиран од Европската унија со буџет од 3 милиони евра, кој заеднички се имплементира од страна на Регионалниот совет за соработка и Меѓународната организација на трудот во 6-те земји од Западен Балкан. Проектот се спроведува во времетраење од три години, почнувајќи од јуни 2016 година.

Овој проект има за цел преку унапредување и продлабочување на регионалната соработка, меѓусебна размена на искуства и добри практики, но и преку обезбедување на техничка и експертска помош и поддршка, да придонесе кон јакнење на институционалните капацитети во земјите од регионот за креирање и имплементирање на ефикасни и инклузивни политики на пазарот на труд, политики насочени кон зголемување на вработеноста и креирањето на работни места. Проектот обрнува посебно внимание и кон  јакнењето на капацитетите, модернизацијата и унапредувањето на работата на јавните служби за вработување во земјите од регионот.

Повеќе информации за ЕСАП проектот можат да се најдат на следниот линк: https://www.rcc.int/priority_areas/27/esap-employment-and-social-affairs-platform