Македонија вработува


Владата на Република Македонија започнува со реализација на проектот која опфаќа пакет мерки за вработување-МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА чија примарна цел е борба за секое работно место.

Целта на  овој проект е придвижувањето на економијата, забрзано отварање и создавање на нови работни места во приватниот сектор, спроведување на политики која ќе помогнат на илјадници и илјадници невработени лица, од различна возраст и со различен статус да се вработат. Овој проект претставува и значително надградување и проширување на мерката за вработување на млади со ослободување од плаќање придонеси 12 месеци, мерка која им помогна  на огромен број на приватни компании, во намалување на трошоците за нови вработувања, во развој на нивниот бизнис. Сега пак, со новиот проект се овозможува олеснително и повластено вработување на неколку групи на невработени граѓани на нашата држава и огромен опфат на невработени граѓани кои ги исполнуваат условите и кои полесно и побрзо ќе стигнат до вработување и работно место, до редовна плата и до подобар и поквалитетен живот, и тоа:

-прва група-невработени лица до 35 години возраст, кои што претходно немале заснован работен однос или кои имале претходно заснован работен однос, но пред вработувањето согласно со мерката биле невработени најмалку три месеци.  Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход, за оваа група во траење од 3 години сметано од денот на вработувањето при што работодавачот е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси и персонален данок на доход.

-втора група-невработени лица на возраст од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавачот кој ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето, при што е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

- трета група - невработени лица на возраст над 50 години,

 - четврта група- невработени лица кои се родители на три или повеќе деца и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; самохрани родители и членови на еднородителско семејства кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно со прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно со Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето

За третата и четвртата група, работодавачот кој ќе вработи лице од овие две групи е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето без понатамошна обврска за работодавачот.

-петта група, се однесува на највозрасните работоспособни невработени лица над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот кој ќе вработи лице ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија. 

Проектот МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА ќе се применува 1 година од стапување во сила на законските измени и сите компании коишто ги исполнуваат условите ќе можат да почнат да ги користат поволностите во овој период.

Исто така ги предвидуваме и следниве заштитни механизми за спречување на злоупотреба на самите поволности. Работодавачот од приватниот сектор, по претходно поднесено барање до Агенцијата за вработување на РМ, ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход доколку ги исполни следните општи услови:

- невработеното лице кое сака да го вработи да не било претходно вработено во последните две години согласно со мерките од овој Закон кај истиот работодавач кој ќе користи мерка за ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален  данок на доход;

- да не го намалил бројот на вработени лица сметано од 15.03.2015 година до денот на вработувањето на нови работници, освен во случај на смрт или пензионирање. Доколку работодавачот го зголемил бројот на вработени лица сметано од 15.03.2015 година до денот на вработувањето на нови работници, да не го намалил вкупниот бројот на вработени лица до денот на вработувањето на новите работници и

- да нема неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци, што се докажува со потврда издадена од Управата за јавни приходи од страна на работодавачот или по пат на размена на податоци по службена должност преку Агенцијата за вработување на РМ.

 Користењето на мерките ќе престане доколку работодавачот кој по вработувањето на лица согласно со мерките има долг по основ на неисплатена плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци за два последователни месеци. Притоа, работодавачот ќе биде должен да го плати износот на средства за кој бил ослободен од плаќање за изминатиот период. Работодавачот е должен да не го намали бројот на вработени за целиот период за кој е ослободен од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, освен во случај на смрт или пензионирање. Работодавачот е должен да не го намали бројот на вработени за кои не користи ослободување за целиот период за кој е ослободен од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, освен во случај на смрт или пензионирање.

Доколку работодавачот го откаже договорот за вработување од основани причини согласно со Законот за работните односи, должен e во рок од 30 дена на негово место да вработи друго невработено лице од истата категорија за преостанатиот период за кој што користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход и преостанатиот период за кој има обврска да го задржи лицето во работен однос или да ги врати средствата за кој е ослободен.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход се однесува и за самовработено лице кое се вработило согласно со мерките од овој Закон.

Со овој пакет мерки ќе постигнеме големи значајни чекори во отворањето на нови работни места, подигање на економската моќ на граѓаните и уште посилна соработка со бизнис секторот.