Доделени признанијата во Изборот за компанија со најдобра пракса за БЗР 2020
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги додели плакетите на трите најдобро рангирани компании во нашата држава, во рамки на овогодинешниот избор за доделување на Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа 2020. Изборот го организира националниот Совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Согласно резултатите од оценувањето извршено од независните комисии, составени од стручни лица по безбедност при работа и доктори по медицина на трудот, добитници на признанијата оваа година се компаниите:
- ГД Гранит, АД – Скопје,
- Млекара, АД – Битола и
- Макстил, АД – Скопје.
При доделувањето на признанијата, Министерката Шахпаска ја истакна исклучителната важност на безбедноста и здравјето при работа, на креирањето и успешната имплементација на политики и системи на безбедност и здравје на работното место, јакнењето на културата на превенција, како теми и области кои се од особено значење и кои се несомнено мошне актуелни, како во нашата држава, така и пошироко. А тоа е уште повеќе изразено токму сега, во овој исклучително комплициран и сериозен период, кога целата планета е погодена од ширењето на корона вирусот и пандемијата на болеста COVID-19.
Затоа, грижата за безбедноста и здравјето во работните средини и на работните места, е грижа на сите – на компаниите, на работниците и на сите останати субјекти и поединци кои работат во областа.
Министерката им се заблагодари на присутните претставници од наградените компании, но и на сите останати компании, кои оваа година можеби не беа прворангирани и наградени, но кои се охрабрија и се пријавија за учество во овој избор, недвосмислено покажувајќи ја на тој начин својата цврста решеност и посветеност, како и континуираните напори и инвестиции за унапредување на безбедноста и здравјето при работа и креирањето на здрава и безбедна средина за своите вработени, за што заслужуваат признание. Таа изрази надеж дека од година во година ќе имаме и континуирано зголемување на бројот на компании кои ќе се пријавуваат на повикот за избор на компанија со најдобра пракса за БЗР и со тоа уште повеќе ќе се придонесува кон промовирање на оваа значајна област и ширењето на добрите практики за БЗР во компаниите.
Министерката истакна дека ова прогласување и доделување на наградите на компаниите го реализираме во текот на Европската недела за безбедност и здравје при работа (19 до 23 октомври оваа година) и со тоа, заедно со сите останати европски земји, земји-членки на ЕУ и кандидати за членство во Унијата, и нашата држава рамноправно се вклучува во одбележувањето на овие значајни датуми кои се целосно посветени на подигнувањето на свеста кај сите субјекти за прашањата поврзани со безбедноста и здравјето при работа.
Една од главните теми и содржини на оваа Европска недела за БЗР е и лансирањето, т.е. отпочнувањето на Кампањата за здрави работни места – Олеснете го товарот на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA), која ќе се спроведува во наредните две години (2020-2022).
Во фокусот на оваа двегодишна БЗР Кампања, која ќе се реализира во сите европски земји, ќе бидат превенцијата и управувањето со мускулно-скелетните нарушувања (МСН) поврзани со работата, како еден од најзастапените здравствени проблеми кои се јавуваат кај работниците во Европа, а се директно поврзани со работата и работните места. Исклучително важна тема, за работниците, за компаниите, за безбедноста и здравјето при работа, како на меѓународно ниво и на ниво на Европската унија, така секако и кај нас.
Статистичките податоци и истражувањата, недвосмислено покажуваат дека токму мускулно-скелетните нарушувања се еден од најсериозните и најчестите здравствени проблеми и здравствени состојби поврзани со работата во Европа. Според податоците во некои европски земји, МСН поврзани со работата се и најчестите причини за инвалидност и за боледување на работниците. Според истражувањата, милиони работници низ Европа страдаат токму од одредена форма на МСН. Согласно резултатите од неодамнешното истражување и анализа на EU-OSHA, отприлика три од пет работници од ЕУ (високи 60% од работниците), наведуваат дека боледуваат од некое нарушување на мускулно-скелетниот систем (болки во грбот, болки во мускулите од рацете, болки во нозете итн.). Ваквите мускулно-скелетни нарушувања се причина за сериозна загриженост, и тоа не само поради ефектот кој тие го имаат врз здравјето на директно засегнатиот вработен, но и поради влијанието кое го имаат врз производството и деловните процеси во компаниите, но и врз стопанството во целост. Од тие причини, превенцијата и справувањето со ризиците од настанување на мускулно-скелетните нарушувања поврзани со работата, се појавува како еден од главните приоритети, кога е во прашање безбедноста и здравјето при работа.