01.09.2023
Тренчевска за КТВ: Сите барања на пензионерите ќе се дискутираат во работната група, нема да има пензија под прагот на сиромаштија
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во гостувањето на утринската емисија „Утро“ на КТВ - Кавадарци, зборуваше за актуелностите поврзани со пензиите. Таа истакна дека досега се реализирани средби со Сојузот на пензионери, со здруженијата низ градовите во државата, со претставници на иницијативните одбори на пензионерите кои протестираат и Партијата на пензионери.
Министерката информираше и дека е формирана и работна група, каде претставници се од министерствата за труд и социјална политика и финансии, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Битиќи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Сојузот на пензионери, МАПАС и приватните пензиски друштва. Првиот состанок е закажан на 6-ти септември.
„Целта на работната група е да се разгледаат сите барања од пензионери во државата кои се пристигнати во министерството и по истите да се дискутира. Се она што ќе произлезе, од дискусијата, од работата на работната група во однос на мерки со кои што ќе се подобри животниот стандард на пензионерите, во делот на барањата за линеарно зголемување на пензиите, за минималната пензија и подготовка на закони или измени на закон за пензиско и инвалидско осигурување, се со цел да дојдеме до најдоброто решение за минимална пензија по примерот на државите од регионот“, рече Тренчевска.
Министерката истакна дека, најдобар пример е дефинирањето на минималната пензија да се врзе со прагот на сиромаштија и да нема пензија под прагот на сиромаштија. Таа додаде дека се чекаат анализите од Светска Банка, во делот на проекциите за прагот на сиромаштија наназад неколку години и проекцијата за движењето во следните години. Тоа би било основа за креирање на одредби со кои ќе се регулира минималната пензија.
Тренчевска се осврна и на социјалните мерки кои ќе ги преземе Владата за зимскиот период, а со оглед на тоа дека најранлива категорија се оние со најниски пензии, ќе се креираат сет на мерки кои во фокус ќе ги имаат овие граѓани.
Таа посочи и дека со Фондот за здравство и Министерство за здравство се разговара за проширување на позитивната листа на лекови, како и за партиципацијата на болничкото лекување, се во насока да се обезбеди повеќе приход да останува кај пензионерите.