08.06.2022
Тренчевска од Женева: Социјалниот дијалог во државата го подигнавме на повисоко ниво, заедно креираме одржливи и трајни решенија
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се обрати на 110-та сесија на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, Швајцарија, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чијашто членка е и Република Северна Македонија.
Во своето обраќање министерката Тренчевска ја истакна исклучително сериозната состојба предизвикана од последиците кои ги донесе пандемијата, економската и енергетска криза на глобално ниво, како и тековната војна во Украина, од чија неизвесност се погодени сите држави. Дополнително, посочи Тренчевска, континуираните одложувања со почетокот на преговорите за пристапување во Европската унија се разочарувачки и доведоа до намалување на поддршката за интеграцијата во ЕУ, како во регионот, така и во мојата земја.
„Искуството од првите две години од пандемијата ја нагласи важноста и потребата од функционален социјален дијалог и проактивен ангажман на социјалните партнери. Во Северна Македонија, нивото на социјален дијалог се зголеми во овој период, што доведе до подобрување на неговиот квалитет, градење на консензус, опсег и зголемена интеракција. Учеството на високите претставници во Економско-социјалниот совет ја зајакна неговата улога и политичката посветеност на трипартитниот социјален дијалог,“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека Економско-социјалниот совет е искористен на стратешки начин, ангажирајќи ги социјалните партнери како проактивни сојузници во креирањето на антикризните мерки. Во периодот на опоравување, Советот продолжи да ги ангажира и организациите на работодавачи и синдикатите кои формално не се негови членки.
„Неодамна, соочени со опаѓањето на животниот стандард, а по преговори во Економско-социјалниот совет, Владата значително ја зголеми минималната плата за повеќе од 18% во февруари 2022 година. Со оваа мерка се опфатени околу 17% од работниците во земјава,“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека, македонскиот Економско-социјален совет е првиот што ја применил новата методологија за самооценување на МОТ за институциите на социјалниот дијалог. Ги идентификувавме слабостите и предизвиците во неговата инклузивност и ефективност и врз него изготвивме Акционен план.
Тренчевска во своето обраќање повика на заедничка акција и делување, и упати апел за итен прекин на војната во Украина. Како и вклучување на дијалог меѓу нациите за излезот од кризата со финансиите, храната и горивото. Дијалог во кој мора да се слушнат гласовите на работниците и работодавачите. Само преку социјален дијалог можеме да излеземе со одржливи и трајни решенија.
„Мојата Влада е подготвена. Ќе продолжиме заедно со Синдикатите и Здруженијата на работодавачи да се бориме против оваа криза, да обезбедиме пристојна работа и социјална правда,“ порача Тренчевска.