12.05.2025
Општина Прилеп добива нова, современа градинка
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески ја отворија градинката „Бајка“ во населбата Точила, објект во состав на јавната установа за деца „Наша иднина“ Прилеп.

Новиот објект со капацитет за над 218 деца, ќе згрижува деца од 9 месеци до 6 години (до поаѓање во основно училиште), организирани во 11 групи.
Министертвото за социјална политика, демографија и млади учествуваше во набавката на опрема со сума од 9 милиони денари.
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади истакна дека целта на Владата и Министерството е континуирано зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата.
„Посветено работиме секое дете да добие шанса за квалитетен раст и развој во соодветни услови“, истакна заменик-министерот Велковски.
Овој објект е од непроценливо значење за младите семејства во Прилеп. Со неговото пуштање во употреба, конечно ќе биде ставен крај на деценискиот проблем со листите на чекање и обезбедување топол, безбеден простор за најмладите прилепчани.