25.08.2025
Млади од регионот учествуваат во Летната школа за родова еднаквост во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање
Министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани денеска ги поздрави младите – учесници на Летната школа за родова еднаквост, која се одржува од 25 – 28 Август во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.

Летната школа за родова еднаквост ги обедини младите до 35 годишна возраст од регионот– вработени во администрација и има за цел зајакнување на знаењата за родовата еднаквост и младите да ги разберат придобивките од интеграцијата на родовата перспектива во политиките и јавните буџети.

Истата се реализира во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка- ГИЗ.
Република Северна Македонија направи значаен чекор во оваа област, преку создавање на Ресурсен центар за креирање политики и родово одговорно буџетирање – институционален механизам што овозможува систематска и одржлива примена на родово одговорното буџетирање.
„Вашето учество овде, од различни земји во регионот, има исклучителна важност. Родова еднаквост не познава граници – нашите предизвици се заеднички, но заеднички се и решенијата. Верувам дека оваа Летна школа ќе биде местото каде што овие идеи ќе се развиваат, ќе се зајакнуваат и ќе се претвораат во конкретни иницијативи што ќе најдат примена во вашите институции и заедници. Инвестирањето во еднакви можности за сите граѓани претставува инвестиција во нашата иднина – во подобро, поправедно и посилно општество,“ порача министерот Лимани.

Светлана Здравковска, проект менаџер од ГИЗ, во своето обраќање до младите посочи дека ГИЗ ги поддржува институциите на централно и локално ниво во имплементацијата на реформските агенди на земјите од Западен Балкан.
„Меѓу клучните насоки во овие агенди се развивањето на родово сензитивни политики, воведувањето родово буџетирање и обезбедувањето инклузија. Овие приоритети придонесуваат за градење праведни и одржливи општества. Дополнително, нивната важност е препознаена и во рамките на Берлинскиот процес, кој има за цел преку регионална соработка да придонесе кон градење на демократски и инклузивни општества. Родовата еднаквост како двигател на регионалниот напредок, е суштинска порака која го нагласува фактот дека без родова еднаквост, овие цели не можат да се постигнат,“ рече Здравковска.

Говорниците упатија охрабрување до младите за активно учество, размена на мислења и конкретни предлози што ќе придонесат за зајакнување на јавните политики и институционалните практики во нивните земји.