03.07.2025
Министерот Лимани врачи 17 нови договори за грантови во рамки на третиот повик за развој на социјални услуги на локално ниво
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денес официјално врачи седумнаесет (17) нови договори за грантови за развој на социјални услуги, во рамки на Третиот јавен повик, дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги.
Министерот во своето обраќање до присутните се осврна на заложбите на министерството - да се одговори реално и ефективно на потребите на граѓаните, во нивното место на живеење.

Во рамки на Третиот повик, министерството веќе потпиша договори со девет (9) општини, а денешниот настан го означи продолжувањето на процесот со уште седумнаесет (17) нови социјални услуги во различни заедници низ земјата.
Станува збор за воспоставување на нови видови на услуги, како што се: помош и нега во домот за стари и немоќни лица, дневни центри за стари лица со фокус на активно и достоинствено стареење, дневни центри за лица со попреченост, со индивидуализиран пристап и поддршка.
Со овие нови активности, се продолжува континуитетот на реформата што започна со првите два повици, во рамки на кои беа поддржани 34 проекти во 43 општини, со над 460 ангажирани негуватели и над 1.600 корисници кои веќе ги користат овие услуги.

„Партнерството меѓу министерството, општините и давателите на услуги не го гледаме како техничка или административна соработка, туку како темел на целиот систем за социјална заштита. Вие сте претставниците на промената на терен. Вие го претворате концептот на „услуга“ во конкретна помош, реално присуство и искрена грижа,“ истакна Лимани.
Тој посочи дека секоја општина, секоја организација и секој професионалец во овој процес има незаменлива улога.

„Целта е суштинска трансформација: од форма кон содржина, од процедура кон решение, кон вистинска промена во животот на луѓето. Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе продолжи да биде активен, отворен и посветен партнер. Ќе го изградиме овој систем со луѓето и за луѓето – со одговорност, одржливост и хуманост,“ порача Лимани.
Тој се заблагодари за довербата, за посветеноста и за работата на општините и давателите на услуги, сето тоа за доброто на нашите граѓани.