Министерката Шахпаска на онлајн панел дискусија на „РЕДИ Самит“, за економските ефекти од КОВИД 19 врз ромските заедници во Северна Македонија

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на оналјн панел дискусија на тема "Перспективи и предизвици за економско вклучување на Ромите во С.Македонија" како дел од првото издание на РЕДИ самитот во организација на Иницијативата за Економски развој на Ромите – РЕДИ.  

„Како Влада сме цврсто решени во континуитет да ја намалуваме стапката на невработеност кај Ромите, која според последните анализи, изнесува 23 проценти. Тоа е предуслов не само за напредок и развој на ромското население, туку за напредок и развој на целото општество. Како држава работиме и на тоа да ја намалиме и неформалната вработеност кај Ромите, која во просек се движи 25 проценти, бидејќи само преку нивното целосно вклучување во системот, Ромите ќе се интегрираат целосно и во заедницата,“истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека околу 48% од ромските семејства се корисници на социјална помош, како и дека Министерството активно работи на вадење на највработливите лица и нивно вклучување во работниот процес.

„Предизвиците со кои се соочивме поради пандемијата COVID 19, се уште поголеми кога е Ромското население во прашање. И токму затоа усвоивме низа законски решенија кои овозможуваат полесно пребродување на економската и здравствената криза. Го олеснуваме пристапот до гарантираната минимална помош, до детскиот и образовниот додаток, права со кои се опфатени значаен дел од ромската популација. Обезбедивме финансиска поддршка, како и исплата на паричен надоместок по основ на невработеност на лицата на кои им престанал работниот однос со спогодба,“ потенцираше министерката.

Таа ја истакна и важноста на измената на Оперативниот план и тоа кај програмата Субвенционирање на плати во рамките на која опфатот се зголеми од 1624 лица на 1.974 лица. 

„Од досегашната реализација во рамките на оваа програма опфатени се 68 невработени Роми. Со ова можам да кажам дека таргетот е остварен над 65%. Како Влада ќе продолжиме со несмалено темпо и интензитет да работиме на сузбивање на непријавената работа и тоа преку стимулативни мерки, како што се програмите за вработување, воведување на ваучери, даночниот систем и сл.“, подвлече министерката.

Таа истакна дека во државава е постигнат сериозен напредок во однос на подобрувањето на интеграцијата на Ромите во општествените текови во делот на образованието, јакнењето на граѓанскиот сектор, намалување на дискриминацијата и стереотипите, подобрување на пристапот до институциите и услугите. Но, политиките за унапредување на Ромите во општеството продолжуваат.

„Со сериозен и посветен пристап резултатите ќе дојдат и тоа на сите полиња. И во делот на надминување на прашањето за лицата без документи, и за ромските деца на улица, невработеноста, сиромаштијата, големиот број Роми азиланти во земјите на ЕУ, дискриминацијата,“посочи министерката.

РЕДИ Самитот е меѓународен настан кој ги обединува носителите на европски одлуки на највисоко ниво, претставници на националните Влади, граѓанското општество, корпорациите, финансиските институции и ромските претприемачи активно инволвирани во вклучувањето и економското зајакнување на Ромите.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->