Младински Центри
Младинските центри се места каде што се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите. Согласно со Законот за младинско учество и младински политики, секоја општина има обврска да формира младински центар во рок од 5 години од денот на влегувањето во сила на законот.
Досега, согласно со одговорите добиени од општините, младински центри има во 8 општини (10% од сите општини), и тоа во следните општини: Гази Баба, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Охрид, Свети Николе, Центар, Чаир. Овде важно е да се напомене, дека само 3 од горенаведените општини ги исполнуваат стандардите за квалитет на младинските центри, усвоени од Агенцијата за млади и спорт, а тоа се Општините: Кавадарци, Куманово и Охрид.
Младинските центри во останатите општини се отворени со донаторска поддршка и тие функционираат пред донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики. Дополнително, процес за отворање младински центар е почнат во Општините: Битола, Велес, Виница, Пробиштип и Штип.

*Информациите се достапни во публикацијата на НМСМ МОНИТОРИНГ Извештај за имплементацијата на законот за младинско учество и младиснки политики, страна 28-29