Договор меѓу Република Македонија и Канада за социјално осигурување
На 26 август 2009 година потпишан е Договор меѓу Република Македонија и Канада за социјално осигурување. Овој Договор е прв кој Република Македонија го склучува со прекуокеанска држава и со него приближно 200.000 иселеници во Канада ќе можат да ги остварат своите права од пензиското и инвалидското осигурување. Овој договор ќе се применува на сите лица коишто во Република Македонија или Канада навршиле периоди на осигурување или престој кои се земаат во предвид при остварувањето на правото на пензија согласно со прописите на Македонија и/или Канада, коишто се однесуваат на остварувањето на правото на самостојна пензија. Посебно треба да се акцентира дека со Договорот се уредува собирање на периоди на осигурување навршени во двете држави со што лицето да може го оствари правото на пензија.
Договорот за социјално осигурување ќе се применува на сите лица коишто работеле во двете држави како и на членовите на нивните семејства. Договорот го содржи начелото за еднакво постапување кон лицата коишто работат на територијата на другата држава.
Договорот гарантира исплата на пензијата во другата држава договорничка, односно с е дава можност остварените пензии во Канада да се трансферираат во Република Македонија ако корисникот се врати да живее во Македонија. Како самостојна држава Република Македонија има склучено и ги применува Договорите за социјално осигурување со 14 држави: Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција. Во постапка на ратифијација е Договорот за социјално осигурување со Данска, а во постапка на потпишување се Договорите за социјално осигурување со Австралија и Црна Гора.
|