Прашања од областа на заштитата на децата

1.Каде се поднесува барањето за остварување на правото на детски додаток?

Барањето за остварување на правото  на детски додаток се поднесува до центарот за социјална работа  за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште, односно престојувалиште.

2. Во кој рок се поднесува барањето за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче?

Барањето за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето, а за посвоено дете најдоцна до три месеци од заведувањето на посвоеното дете во книгата на родените.

3. Колку треба да изнесуваат месечните приходи на семејството за остварување на правото на родителски додаток за дете?

Правото на родителски додаток за дете се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето плата утврдена за претходната година.

4. Дали секоја година се поднесува ново барање за остварување на правото на додаток за образование за ученик во основно и среднo училиште?

Барањето за остварување на правото за додаток за образование со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа  секоја година на почетокот на наставната година, односно од 1 септември  во тековната година заклучно со 31 март во наредната година. За да се оствари правото за додаток за образование за прв мерен период барањето треба да се поднесе најдоцна до 15 октомври во тековната година.

5. Колкав е прагот за пристап до правата на детски додаток и додаток за образование?

Прагот за пристап до правото на детски додаток и додаток за образование е во зависност од бројот на членови во домаќинството на подносителот на барањето. Пример, за тричлено домаќинство вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото  по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 12.920 денари, за четиричлено домаќинство 15.640 денари, за  петчлено домаќинство 17.000 денари, за  шестчлено домаќинство 17.680 денари, за седумчлено 18.360 денари, а за осумчлено 19.040,00 денари. Кај тричлено  домаќинство со еден  самохран родител прагот за пристап изнесува 21.080 денари, кај петочлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 25.160 денари итн.

6. Кога се исплаќа правото на додаток за образование?

Исплатата на  додатокот за образование се врши во текот на следните месеци: декември, февруари, мај и јули. Во случај ако има позитивно решени жалби и задоцнето известување од страна на училиштата, исплатата  се врши до 31 октомври во тековната календарска година за претходната наставна година

7. Дали правото на додаток за образование на лице кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа следува за вонреден студент и дали истото се остварува во зависност од материјалната состојба?

Право на додаток за образование има лице кое до својата 18 годишна возраст  имало статус на дете без родители и родителска грижа, а кое е запишано како редовен студент на некој од јавните високообразовни универзитети во Република Северна Македонија, за секоја редовна студиска година, најдоцна до 26 годишна возраст.  Ова право се остварува и користи независно од материјалната состојба.

8. Дали право на еднократна парична помош за новороденче може да оствари таткото?

Право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Северна Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Северна Македонија до денот на раѓањето на детето.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }