Пензионерите заминаа на бањско-климатска рекреација
Првата група од околу 500 пензионери, корисници на владината програма за бесплатна бањско-климатска рекреација, изминатиов викенд се сместија во четири бањи во земјава. Катлановска Бања понуди гостопримство на 130 пензионери, Дебарски Бањи - Цапа се домаќини на 136 пензионери, во Негорски Бањи престојуваат 110 пензионери, а во Бања Банско 124 лица. Тие ќе можат да ги користат услугите на бањите една недела.
Во локалитетот Косоврасти, кој е дел од Дебарски Бањи – Цапа, првата група пензионери е составена од луѓе што доаѓаат најмногу од југозападниот регион на Македонија, од Кичево, Струга, Битола, Ресен, Тетово.
На првиот ден од нивното сместување во бањата, со пензионерите во Косоврасти беше присутен и министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, цо цел да се увери во условите што ги нудат овие бањи.
- Пензионерите, како што самите ми рекоа, се многу задоволни од условите, престојот, услугата, која ја добиле во текот на денов. Се е во најдобар ред. Се надевам дека така ќе биде и во наредниот период, нагласи Бајрами. Според него, оваа Влада е прва која имплементира ваков проект. Доколку економските усови го дозволат тоа тој ќе продолжи и во наредните години.
Пензионерите сместени во Катлановска Бања, коишто ги посети заменик министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, генерално се задоволни од сместувањето, гостопримството и персоналот на бањата.
Во Негорски Бањи се сместија лица што доаѓаат од Скопје, Куманово и Гевгелија.Нив ги посети државниот секретар на министерството за труд и социјална политика, Марјанчо Тодоровски. Тие до 12 февруари ќе користат шестдневни пансионски услуги, во кои е предвидено сместување со три оброци дневно, вклучително и медицински третман. Во согласност со препораката на тимот лекари што функционира во Негорските Бањи, пензионерите ќе можат да ги користат и современите физикални терапии, вклучително електро, кинези, парафински терапии што ги изведуваат професионални лица. На располагање ќе им бидат и двата природни минерални базена што функционираат во склоп на бањскиот комплекс. |