Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Насилство врз жени и семејно насилство

ШТО Е НАСИЛСТВО?

  • НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ е кршење на човековите права, дискриминација врз жените и ги означува сите дејствија на родово-базирано насилство што доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви дејствија, изнуда, произволно ограничување и/или лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.
  • РОДОВО-БАЗИРАНО НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ е насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува. Родово-базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен, а не индивидуален проблем.
  • СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО е малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар или вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.
  • НАСИЛСТВО ОД ИНТИМЕН ПАРТНЕР е однесување на сегашен или поранешен сопружник или партнер што предизвикува физичко, сексуално, психичко или економско насилство.

 

ВИДОВИ НА НАСИЛСТВО

  • ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО е секое дејствие на примена на физичка сила или дејствие со кое се нарушува здравјето и телесниот и психичкиот интегритет на жртвата.
  • ПСИХИЧКО НАСИЛСТВО е секое однесување со употреба на присилба, заплашување или закана, кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата;
  • ДЕМНЕЊЕ е секое намерно однесување на повторено заканување насочено кон друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност;
  • ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО е секое дејствие на ограничување или спречување во остварување и/или располагање со лични приходи и финансиски средства, за одржување на заедничкото домаќинство и за грижа на детето, со што се предизвикува економска зависност на жртвата;
  • СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО И СИЛУВАЊЕ е секое дејствие од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет, на телото на друго лице без негова/нејзина согласност. Сексуално насилство постои и кога се наведува или присилува друго лице да се вклучи во дејствија од сексуална природа со трето лице без негова согласност. Согласноста мора да е изразена доброволно како резултат на слободната волја на лицето, проценета во контекст на околностите;
  • СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ е секое вербално, невербално или физичко однесување од сексуална природа што има за цел или последица повреда на достоинството на лицето, особено кога се создава заканувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива средина;
  • СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ е секое вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација;
  • ПРИСИЛЕН БРАК е присилување, намамување, доведување во заблуда, закана или на друг начин принудување на возрасен или дете да стапат во брак или вонбрачна заедница;
  • ЖЕНСКО ГЕНИТАЛНО ОСАКАТУВАЊЕ е отсекување, инфибулација или секое друго осакатување во целост или делумно на големите усни (labia majora), малите усни (labia minora) или клиторисот на жената;
  • ПРИСИЛЕН АБОРТУС И ПРИСИЛНА СТЕРИЛИЗАЦИЈА е прекинување на бременост врз жена без претходно да биде информирана и даде писмена согласност, како и вршење операција врз жена без претходно да биде информирана и даде писмена согласност, односно разбирање на постапката чија цел или последица е да се прекине нејзината способност за природна репродукција.

Документи

Протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство

Програма за реинтеграција на жртви на насилство

Мени за пристапност