Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Систем на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија

Врз основа на уставните определби за социјално осигурување произлегуваат и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како основни права на граѓаните.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско осигурување на работниците во  работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување. 

Со пензиското и инвалидското осигурување, врз основа на начелото на социјална праведност и солидарност, се обезбедува материјална и социјална сигурност во случај на настапување на старост, инвалидност и смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија и на членовите на семејството на осигуреникот (во случај на смрт на осигуреникот).

Со овој закон се утврдуваат основите и условите под кои осигуреникот остварува право на инвалидска пензија.

Права кои произлегуваат од пензиското и инвалидското осигурување се:

  • Право на старосна пензија;
  • Право на инвалидска пензија;
  • Право на  професионална рехабилитација; 
  • Право на семејна пензија;
  • Право на паричен надоместок за телесно оштетување;
  • Право на најнизок износ на пензија.

Правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од должината и обемот на вложувањата на средства за пензиското и инвалидското осигурување.

Со пензиските реформи се воведува тростолбен пензиски систем.

Системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:

  • задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб);
  • задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб);
  • доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија. 

Министерството за труд и социјална политика е креатор на социјалната политика и обезбедува законитост во работењето на институциите во кои се остваруваат правата за социјално осигурување, односно пензиско и инвалидско осигурување.

 

 

Осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија ако ги исполнува следните услови:

1) инвалидноста е причинета со повреда на работа или професионална болест -без оглед на должината на пензискиот стаж или

2) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест под услов пред настанувањето на инвалидноста, односно на денот на престанокот на осигурувањето по настанатата инвалидност да е постар од 45 години живот и да има навршени најмалку 12 години пензиски стаж или

3) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест доколку осигуреникот има навршено над 30 до 37 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 30% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години, а осигуреникот има навршено над 37 до 45 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 40% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години

Осигуреник кај кого инвалидноста настанала пред навршување на 30 години живот како последица на повреда надвор од работата или болест се здобива со право на ивалидска пензија ако на денот на настанувањето на инвалидноста имал својство на осигуреник и ако:

1) инвалидноста настанала до навршување 20 години живот, ако имал најмалку шест месеци стаж на осигурување;

2) инвалидноста настанала до навршување 25 години живот, ако имал најмалку девет месеци стаж на осигурување;

3) инвалидноста настанала до навршување 30 години живот, ако имал најмалку 12 месеци стаж на осигурување.

Осигуреникот - воен инвалид од I до VI група, како и друг инвалид кој е изедначен со мирновременски воен инвалид од V до VI група кај кого во смисла на член 38 на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се оценува инвалидност не може да работи  повеќе од половина од полното работно време се здобива со право на инвалидска пензија ако ги исполнува условите од став (1) на овој член без оглед на тоа дали со или без преквалификација или доквалификација може да се оспособи за друга соодветна работа.

Како работен век за осигуреникот кој со редовно школување се стекнал со средна, виша односно висока стручна подготовка се смета времето од навршување на 20, 23 односно 26 години живот до денот на настанувањето на инвалидноста.

На осигуреникот кој по навршување на 20 години живот бил на отслужување на воениот рок работниот век му се намалува за времето колку што траел отслужениот воен рок.

Право на семејна пензија

Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија по исполнување на општите и посебни услови.

Општи услови за стекнување право на семејна пензија:

  • ако осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија  до денот на смртта наполнил најмалку 5 години стаж на осигурување или најмалку 10 години пензиски стаж, или
  • ако осигуреникот ги исполнува условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија,  или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
  • Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигурениикот.

Членови на семејството кои имаат право на семејна пензија

  1. брачен другар
  2. децата (родени во брак и надвор од брак, посвоени, посиноци кои ги издржувал починатиот осигуреник или корисник на пензија,внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот
  3. родители (татко, мајка. очувот и маќеата) и посвоителот кои ги издржувал осигуреникот.

Семејна пензија може да оствари и брачен другар од разведен брак, ако судска одлука му е утврдено правото на издржување.

Посебни услови за остварување право на семејна пензија:

Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија ако:

1) до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа лицето наполнило 50 години живот;

2) до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;

3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или

4) до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.

Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителска должност од став (1) точка 3 на овој член стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Право на семејна пензија стекнува и вдовица кога детето на осигуреникот, односно корисникот на пензија е родено по смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија и припаѓа од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија .

Право на семејна пензија стекнува и вдовицата кај која постоела бременост на денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со  тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за  еден  член на семејството.

Ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето. 


Дете стекнува право на семејна пензија:

  • до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот, 
  • ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата несопсобност настанала во рок од 1 година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија и 
  • дете со статус на лице со инвалидност утврден според прописите за социјална заштита и прописите за вработување на лица со инвалидност, без оглед дали било издржувано лице од осигуреникот или корисникот на пензија.

Ако школувањето на детето е прекинато поради болест, правото на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот,  како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.

На детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воениот рок, семејната пензија му се исплатува и за тоа време.

Ако во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија.

Детето - инвалид има право на семејна пензија по престанок на работниот однос.

Како неспособност за работа, врз основа на која се остварува правото на семејна пензија кај децата се смета несособност за самостоен живот и работа.

Како дете на школување се смета ученикот  во основно училиште, училиште за средно образование, студент на високообразовна организација или на постдипломски студии, додека имаат статус на ученици, односно студенти на соодветни образовни институции до навршување на 26 години живот.

Покрај  наведените категории осигуреници, право на семејна пензија се стекнува и родителот кога осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт се стекнува со право на семејна пензија ако:

  • до смртта на осигуреникот, односно на корисникот на пензијата наполнил 45 (мајка), односно 55 години живот (татко),  и
  • е помлад од 45 години, односно 55 години и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.

 Право на старосна пензија

Старосна пензија стекнува осигуреник кој навршил 64 години живот (маж) и 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

 Институционалната рамка на реформираниот пензиски систем ќе ја сочинуваат:

  • Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фонд на ПИОСМ), во кој ќе се уплаќаат придонесите за првиот и вториот столб од пензискиот систем. 6% од вкупниот придонес на лицата кои задолжително се вклучени во вториот столб, Фондот на ПИОСМ ќе ги префрлува на сметките на приватните пензиски фондови.
  • Приватните пензиски фондови, кои претставуваат отворени инвестициски фондови и кои се состојат од средствата од придонесите на нивните членови и од приносите од инвестирањето на тие средства. Сопственици на приватните пензиски фондови се нивните членови (осигурениците од вториот столб).
  • Друштвата за управување со приватните пензиски фондови се оние правни лица кои ќе добијат дозвола да управуваат со приватните пензиски фондови. Тие се основаат и работат согласно Законот за трговски друштва и имаат единствена дејност – управување со пензиски фондови. Друштво за управување со пензиски фондови може да основаат само правни лица чиј капитал изнесува најмалку 20 милиони евра, имаат искуство од најмалку три години, имаат потврден бонитет и стручен менаџерски тим.
  • Чуварот на имотот на приватните пензиски фондови е институција која ги чува безбедно средствата на приватните пензиски фондови и која осигурува дека инвестициските договори поврзани со овие средства се во согласност со законите.
  • Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување е државна институција основана со цел да врши супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиски фондови и на пензиските фондови и да обезбеди заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување.
  • Министерството за социјална политика, демографија и млади е креатор на политиката во областа на пензиското и инвалидското осигурување, во чиј состав е задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување и го надгледува работењето на институциите надлежни за спроведување на законите во оваа област.

Советот разгледува прашања поврзани со одржливоста на пензискиот систем, досегашната имплементација на реформата, подобрување на состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување, предлага мерки за oбезбедување на одржливост на пензискиот систем на долг рок, воведување на нови можности за инвестирање на средствата од втор и трет столб преку воведување на повеќе видови инвестициони портфолија усогласени според ризикот на инвестирање, итн.

Согласно Одлуката за формирање на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем („Сл.Весник на РМ“ бр. 76/2017 и „Сл.Весник на РСМ“ бр. 178/2021), Советот се состои од претседател и членови, и тоа: 


а) претседател - министер за социјална политика, демографија и млади

б) членови: 

- министер за финансии, 

- заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, 

- министер за економија,

- претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување,

- директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, и

- претседател на Управeн одбор на пензискo друштвo во Република Северна Македонија.

Врз основа на заклучоците на Советот се подготвуваат информации и предлог измени на закони кои се доставуваат на разгледување до други институции, Економско социјален совет и Владата на Република Северна Македонија.

Советот работи врз основа на Деловник.

Надлежности на Советот за социјална сигурност

Согласно став (2) на член 117-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 160/14), Советот за социјална сигурност ги има следниве надлежности:

1) ги следи, проучува и оценува влијанието на мерките на економската и социјалната политика врз социјалната положба на корисниците на пензија;

2) ги разгледува ефектите од имплементација на законите и проектите за пензионерите и предлага мерки и активности за подобрување на стандардот на корисниците на пензија до Владата на Република Македонија;

3) дава мислења по предлози на закони од областа на социјалното осигурување и социјалната заштита и

4) дава мислења и предлози на министерот за труд и социјална политика во врска со прашања утврдени со овој закон.

Главна цел за основање на Советот за социјална сигурност е заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија и преземање на мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија се основа Совет за социјална сигурност.

Членови на Советот за социјална сигурност

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 160/14), а со цел заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија и преземање на мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија се основа Совет за социјална сигурност.               

Согласно став (1) на член 117-б од горенавдениот закон, членовите на Советот за социјална сигурност ги именува министерот за социјална политика, демографија и млади за време од четири години, и тоа три члена на предлог од Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија и по еден член на предлог од останатите институции.                

Во согласност со наведената одредба, за членови на Советот на социјална сигурност се именувани следните лица:

1. Фиданчо Стоев - Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија;

2. Стојанче Стефановски - Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија;

3. Менка Темелковска - Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија;

4. проф. д-р. Лазар Јовевски -Канцеларија на претседателот на Владата на Република Северна Македонија;

5. Вера Бужаровска - Министерство за социјална политика, демографија и млади;

6. Ирена Рашовиќ-Министерство за финансии;

7. Дејан Николовски-Министерство за здравство;

8. Емилија Божиновска – Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија;

9. Амет Даути - Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија;

10. Весна Стојановска - КБ Прво пензиско друштво АД Скопје;

11. Снежана Станковиќ - Сава пензиско друштво а.д. Скопје;

12. Тихомир Петрески - Триглав Осигурување АД, Скопје;

13. Ментор Јакупи - Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, и

14. Љупка Петковска - Црвен крст на Република Северна Македонија.

15.Вјолца Ејупи - Министерство за економија и труд

 

Членовите на Советот се именуваат за време од четири година.

Административно техничките работи на Советот за социјална сигурност ќе ги врши Семрана Камберова - виш соработник во секторот за пензиското и инвалидското осигурување при Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Советот работи врз основа на Деловник.

***Напомена: При доставување на Барање за утврдување на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и/или Барање за ревизија на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, потребната документација треба да се достави во 4 примероци во хартиена и во електронска форма на CD или USB во архивата на МТСП.

За дополнителни прашања може да се обратите на:

Состојба на корисниците на пензија од исплатена пензија, по вид, по стекнато право и просечна пензија за септември 2025 година

Вид на пензија Корисници по работно право Корисници по воено право Корисници по земјоделско право Вкупен број на корисници
Семејна пензија  73,890 381 26 74,297
Инвалидска пензија 24,284 126 0

24,410

Старосна пензија 248,462 179 4 248,645
Вкупно:  346,636 686 30 347,352
Вид на пензија Просечна пензија
Семејна пензија 22,547
Инвалидска пензија 24,707
Старосна пензија 28,789
Земјоделска пензија 16,991
Воена пензија 35,752
Просечно исплатена пензија за месец септември 2025 година                                                                                                                27,189

 

Состојба на корисници на пензија по групи на исплати за септември 2025 година

Износи во денари семејна пензија инвалидска пензија старосна пензија воена пензија земјоделска пензија вкупно

структура

%

До 19,228 8628 3696 13903 1 30 26258 7.56
Од 19,229 до 22,945 42250 8610 74007 0 0 124867 35.95
од 22,946 до 28.500 13816 6943 58671 29 0 79459 22.88
од 28.501 до 45.276 8526 4622 80789 601 0 94,538 27.22
од 45.277 до 63.517 586 383 17779 55 0 18803 5.41
над 63.518 84 30 3313 0 0 3427 0.99
Вкупно 73890 24284 248462 686 30 347352 100

Извор: Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, https://www.piom.com.mk

 

A

  • Агент-е лице кое врши работи на маркетинг на пензиски фондови.
  • Агенција - Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (скратено: МАПАС) која го регулира и супервизира задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (види МАПАС  www.mapas.gov.mk
  • Актуар-е стручно лице обучено за математика, статистика, веројатност и финансии кое поседува аналитички и деловни вештини и кои ги применува во анализа на финансиска неизвесност и ризици за комплексни финансиски системи.  
  • Актуарски проекции-се предвидување на финансиските импликации врз работењето, а врз основа на анализа на минати настани, оценка на тековен ризик и моделирање што може да се случи во иднина. 
  • Ануитет-е вид на исплата на пензија или пензиски надоместок кој се исплатува месечно од друштво за осигурување на корисникот на пензија или од него определен корисник. Ануитетот може да биде: доживотен, варијабилен, заеднички, непосреден, одложен, ануитет со гарантиран и без гарантиран период, привремен, поединечен, фискен ануитет.

 

Б

  • Бањско климатска рекреација- е проект кој се спроведува од 2010 година и има за цел корисниците на пензија бесплатно да ги користат услугите од бањите во Република Македонија.
  • Бенефициран стаж - е стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење за одредени работни места.Работните места со бенефициран стаж се утврдени со Правилник за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење („Службен весник на РМ„ бр 16/2011) 

 

В

 

Г

 

Д

  • Деловници  на Фондот - се служби за на Фондот на ПИОМ кои не одлучуваат за права туку само вршат собирање на потребните документи за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување и евиденција на пензискиот стаж и плати.
  • Диверзификација - разновидност на инструменти во кои се инвестира со цел намалување на ризикот
  • Доброволен пензиски фонд - е отворен инвестиционен фонд основан и управуван од друштво за управување со доброволни пензиски фондови или друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, согласно со овој закон;
  • Доброволна индивидуална сметка - е сметка на име на член во доброволен пензиски фонд на која членот или друго лице за него уплаќа доброволни придонеси на доброволна основа или на име на пензиониран член од која пензионираниот член ги повлекува средствата.
  • Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување - е третиот пензиски столб. Третиот столб е доброволен, во него може да членува секое лице на возраст од 15 до 70 години.
  • Договори за социјално осигурување - се билатерални договори кои Република Македонија ги има случено со други држави за регулирање на права од пензиското и инвалидското осигурување, повреда при работа и професионална болест, здравствено осигурување (болест и мајчинство), детска заштита и осигурување во случај на невработеност (види https://mtsp.gov.mk/mk-MK/penzisko-i-invalidsko-osiguruvanje/dogovori-za-socijalno-osiguruvanje ).
  • Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен- е второстепен орган кој решава по жалба поднесена на решение донесено од Фондот на ПИОМ за права од пензиското и инвалидското осигурување. Работата на Државната комисија е уредена со Закон за основање на Државна комисија за решавање во управна постапка од работен однос во втор степен.
  • Друштвата за управување со приватните пензиски фондови  - се правни лица кои имаат дозвола да управуваат со приватните пензиски фондови. Тие се основаат и работат согласно Законот за трговски друштва и имаат единствена дејност – управување со пензиски фондови. 
  • Друштво за управување со доброволни пензиски фондови - е акционерско друштво кое е основано и овластено да управува единствено со доброволен пензиски фонд.
  • Друштво за управување со задолжителни  и доброволни пензиски фондови - е акционерско друштво кое е основано и овластено да управува со задолжителен пензиски фонд и со доброволен пензиски фонд.
  • Друштво за управување со задолжителни пензиски фондови - е акционерско друштво кое е основано и овластено да управува само со задолжителен пензиски фонд, согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

 

Ѓ

 

Е

  • Еднократна исплата-е еднократно повлекување на сите средства од доброволна индивидуална или професионална сметка на член на пензиски фонд. 

 

Ж

 

З

  • Задолжителен контролен преглед - се спроведува по остварено право на времена инвалидска пензија. Задолжителниот контролен преглед се врши во рок не пократок од една година од денот на утврдената инвалидност. Контролниот преглед може да се врши најмногу два пати до навршување на 65 години живот на корисникот на пензија. На задолжителен контролен преглед не подлежи корисник на пензија за одделни заболувања утврдени со актот за организација, составот и начинот на работа на Комисијата за оцена на  работната способност.
  • Задолжителен пензиски фонд -  е фонд основан и управуван од друштво за управување со задолжителни пензиски фондови или друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и согласно со овој закон;
  • Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е вториот пензиски столб и ја претставува задолжителната капитално финансирана компонента од тростолбниот систем. Вториот столб се состои од индивидуална сметка на секој вработен на која се уплаќаат дел од придонесите на вработениот. Придонесите, се инвестираат на пазарите на капитал и остваруваат принос. Така при пензионирањето, работникот кој е дел од првиот и вториот столб, ќе прима пензија посебна пензија и од првиот и од вториот столб.
  • Задолжително пензиско и инвалидско осигурување  -  генерациска солидарност или прв столб. Првиот столб е PAYG (тековно финасирана) компонента од системот со три столба. Прв столб е заснован на PAYG компонента, односно сегашните осигуреници ги обезбедуваат исплатата на пензијата за сегашниоте пензисонери. Во Република Македонија “прв столб“ е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
  • Заменската стапка-претставува процент од кој се определува висината на пензијата од пензиската основица ( види пензиска основица).

 

S

 

И

  • Инвалид на трудот - инвалид на трудот е осигуреник кој врз основа на инвалидност ги остварува правата од пензиското и инвалидското осигурување.
  • Инвалидска пензија - е пензија која се остварува кога кај осигуреникот ќе настане општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа по навршени 50 години на живот.
  • Инвестирање на средства - средствата од вториот пензиски столб кои членовите ги плаќаат како дел од придонесот за пензиско и инвалидско се инвестираат во различни инструменти со различен ризик, при што задолжително мора да се има во предвид сигурноста и диверзификацијата на ризикот.
  • Индивидуална сметка - осигуреникот кој плаќа придонес во вториот пензиски столб има индивидуална сметка и е член во задолжителен пензиски фонд.

 

Ј

 

К

  • Капитално финансирање-е механизам на финансирање според кој придонесите се оплодуваат преку инвестирање на истите и потоа се акумулираат на индивидуални сметки на членовите на пензиските фондови се до нивното пензионирање. 
  • Клубови за пензионери - клубови за пензионери се клубови за дневен престој на корисниците на пензија кои се формираат на територијата на која што живеат корисниците на пензија со цел за нивна забава и рекреација. 
  • Коефициенти за валоризација на платите-коефициентите за валоризација на платите се утврдуваат врз основа на движењето на платите на сите вработени во Република Македонија објавени од Државниот завод за статистика.
  • Комисија за задолжителен контролен преглед - врши контролен преглед на времена инвалидска пензија. Оваа комисија со акт ја утврдува министерот за труд и социјална политика во рамките на орган или установа.
  • Комисија за оцена на работната способност- формирана во рамките на Фондот на ПИОМ. Комисијата дава наод, оцена и мислење за постоење на инвалидност, причината и денот на настапувањето на инвалидноста, постоење на телесно оштетување и постоење на неспособност за работа на член на семејството на осигуреникот, односно корисникот, за остварување право на семејна пензија. 
  • Комисија за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност, односно неспособност за работа-образована од министерот за труд и социјална политика. Комисијата за ревизија врши ревизија на наод, оцена и мислење за утврдена инвалидност, односно неспособност за работа врз основа на кои се остварува право на пензија, донесени од Комисијата за оцена на работната способност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, како и на наодот на Комисијата за задолжителен контролен преглед. Комисијата за ревизија врши ревизија и на наод, оцена и мислење со кои не е утврдена инвалидност, односно неспособност за работа, донесени од Комисијата за оцена на работната способност, по случаен избор.

 

Л

 

Љ

 

М

  • МАПАС - Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување е основана заради вршење супервизија на работењето пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови (осигурениците) (Види Агенција www.mapas.gov.mk
  • Материјал за маркетинг - е целокупниот материјал за рекламирање, промоција или информација на задолжителен и/или доброволен пензиски фонд или на друштвото кое управува со тој фонд.
  • Матична евиденција - фондот воспоставува и води матична евиденција која содржи податоци потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.Во матичната евиденција се водат податоци за осигурениците, корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување и обврзниците за пресметка и уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

 

Н

  • Надоместоци - ги наплатуваат пензиските друштва од членовите на пензиските фондови. Постојат два вида на надоместоци и тоа надоместок од придонес како процент од секој уплатен придонес во задолжителен пензиски фонд и  ме­се­чен на­до­ме­сток од вред­но­ста на не­то средс­тва­та на пензискиот фонд.
  • Најнизок износ на пензија -  е правo од пензиско и инвалидско осигурување. Најнискиот износ на пензија припаѓа на корисници на пензија на коишто пензијата остварена само од првиот пензиски столб или  збирот на пензијата остварена од првиот и вториот пензиски столб е помала од најнискиот износ на пензија.Најнискиот износ на пензија се исплаќа кога износот на пензијата оставрена според македонските прописи и пензијата остварена од друга држава со која е склучен договор за социјално осигурување е помал од најнискиот износ на пензија. Најнискиот износ на пензија се исплатува во три групи во зависност од остварениот пензиски стаж.
  • Носител на семејно земјоделско стопанство  - физичко лице кое остварува нето приходи од вршење на земјоделска дејност од прва, втора и трета категорија согласно со Законот за земјоделство и рурален развој.

 

Њ

 

О

  • Обезбедување на средства за материјална сигурност на лица со капитализирање на средствата-придонесите кои се уплаќаат на индивидуалните сметки на членовите се акумулираат и оплодуваат преку инвестирање.
  • Осигуреник- е лице кое е опфатено со пензиско и инвалидско осигурување. Со стекнување на својството на осигуреник се воспоставува осигурителен однос кој содржи очекувани права ( можност за стекнување право на пензија) но и определени обврски ( плаќање на придонеси , известување на промена на статус и др). Во задолжително пензиско осигурување осигуреник се стекнува граѓанинот којшто е во работен однос (работник) , самовработено лице , носител на семејно земјоделско стопанство и др.
  • Осигурител- е работодавач или здружение на граѓани со седиште во Република Македонија кое организира и финансира професионална пензиска шема и уплаќа доброволни придонеси во доброволен пензиски фонд за своите вработени или членови;

 

П

  • Паричен надоместок за телесно оштетување - осигуреникот кај кого телесно оштетување ќе настане за време на траењето на осигурување се стекнува со право на паричен надоместок за телесно оштетување. Висината на паричниот надоместок за телесно оштетување се определува според утврдениот процент на телесното оштетување. 
  • Пензионерски дом- e станбена единица во која се сместуваат и живеат корисници на пензија. Правото на сместување се остварува во Фондот на ПИОМ по пропишани критериуми со Правилник на Фондот.
  • Пензиониран член - е физичко лице кое остварило право на пензија или пензиски надоместок од задолжително и/или доброволно капитално финансирано пензиско осигурување преку програмирани повлекувања или повеќекратни исплати и има индивидуална и/или професионална сметка во доброволен пензиски фонд од која ги врши повлекувањата на средствата.
  • Пензиска основица - месечниот просек на платите што осигуреникотги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. Во пензиската основица покрај месечниот просек на плати, се земаат и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.
  • Пензиски надоместок - е вид на исплата на пензија од втор и трет пензиски столб.
  • Пензиски стаж - e времето поминато во осигурување  за кое е платен придонес за пензиско и инвалидско осигурување и времето што е утврдено како пензиски стаж според посебни законски одредби. 
  • Повеќекратна исплата- е повлекување на средствата од доброволна индивидуална или професионална сметка на член на пензиски фонд на неколку еднакви или различни рати во еднакви или различни периоди, се додека средствата на сметката не се потрошат. Со последната рата се исплатуваат сите средства од сметката.
  • Пренос на средства - е пренесување на средствата од една на друга индивидуална сметка на членот во ист или друг  пензиски фонд.
  • Привремени програмирани повлекувања во комбинација со одложен доживотен ануитет - е вид на исплата на пензија или пензиски надоместок кој започнува со исплата на програмирани повлекувања во тек на однапред определен број години и продолжува со одложен доживотен ануитет. Периодот на одложување на исплата на средствата за ануитет е еднаков на периодот на исплата на привремените програмирани повлекувања и се изразува како цел број на години или број деллив со 12 месеци. Изборот на привремени програмирани повлекувања и одложен ануитет се прави во исто време.
  • Причина на инвалидност - инвалидноста може да настане како последица на: болест, повреда надвор од работа, повреда при работа или професионално заболување - види инвалидност.
  • Програмирани повлекувања - е вид на исплата на пензија или пензиски надоместок кои месечно ги исплатува пензиско друштво до крајот на животот. или додека има средства на сметката на членот на пензискиот фонд. Висината на прграмираните повлекувања прв пат се пресеметува во моментот на остварувањето на пензијата или пензискиот надоместок и повторно се пресметува на секои 12 месеци од пензиското друштво. Исплатата на програмираните повлекувања се прекинува со искористувањето на средствата на индивидуалната, доброволната индивидуална или професионалната сметка на корисникот на пензија. Доколку корисникот на пензија почине, преостаните средства се наследуваат согласно закон.
  • Професионална болест - професионална болест се определени болести причинети со подолго непосредно влијание на процесот и условите на трудот врз работната способност на осигуреникот.
  • Професионална пензиска шема-е шема договорена меѓу работодавач и неговите вработени лица или здружение на граѓани и неговите членови, вклучена во доброволен пензиски фонд.
  • Професионална рехабилитација -е право од пензиско и инвалидско осигурување кое го остварува осигуреникот со утврдена професионална неспособност за работа до навршени 50 години на живот. Преку професионална рехабилитација осигуреникот може да се оспособи за работа со полно работно време на друга работа.
  • Професионална сметка - е сметка во доброволен пензиски фонд на име на вработен на која единствено работодавачот  уплаќа доброволен придонес или на име на член на здружение на граѓани на која единствено здружението  уплаќа доброволен придонес или на име на пензиониран член од која пензионираниот член ги повлекува средствата.
  • Професионални пензиски шеми претставува шема за уплата на доброволен придонес за пензиско осигурување од работодавач или здружение на граѓани за негови вработени или членови, вклучена во доброволен пензиски фонд.

 

Р

  • Работен стаж - периоди поминати на работа или во работен однос ; по правило се поклопува со стаж на осигурување и како термин се користи во пензиско и инвалидско осигурување.( види стаж на осигурување)
  • Работи на маркетинг - се сите активности чија цел е рекламирање на друштво за управување со доброволни пензиски фондови, на друштвo за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови и на доброволен пен­зи­ски фон­д и информирање и склучување на договори за членство во доброволен пензиски фонд и договори за исплата на средства од доброволен пензиски фонд што вклучува.

 

С

  • Семејна пензија - право од пензиското и инвалидското осигурување кое им припаѓа првенствено на брачниот другар и на децата на осигуреникот, односно корисникот на пензија. Семејна пензија можат да остварат членовите на семејството: брачниот другар, децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.
  • Солидарен фонд  - средства кои корисниците на пензија ги обезбедуваат на солидарна основа со запирање на  дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство. Види: http://www.piom.com.mk/informacii/solidaren_fond/46.html   
  • Социјално осигурување - збирен назив на сите пет гранки на осигурување ( здравствено, пензиско, осигурување во случај на повреда на работа или професионална болест, осигурување во случај на привремена невработеност и детски додаток).
  • Социјално право - збир на правни норми со кои се регулира областа во социјалното осигурување и социјалната заштита, односно социјалната сигурност во една држава.
  • Сразмерен дел на пензија - пензија остварена со примена на договор за социјално осигурување и се пресметува според формула зависно од пензискиот стаж навршен во двете држави.
  • Стаж на осигурување што се смета во ефективно траење - во стаж на осигурување се смета времето што осигуреникот по наполнети 15 години возраст го поминал во работен однос, односно на работа врз основа на која бил задолжително осигурен и доколку е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Во стаж на осигурување како пензиски термин  се смета времето поминато во осигурување по 1 јануари 1970 година.
  • Стапка на придонес-стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување претставува процент од бруто платата,односно основицата на која се плаќаат социјалните придонеси утврденз со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Стапката на придонес е иста за лицата кои се членови на едностолбен или на двостолбен пензиски систем и изнесува   18%.  За лицата кое се членови на едностолбен пензиски систем, целокупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување останува  во Фондот на ПИОМ. За лицата кои се членови на двостолбниот пензиски систем, од вкупните 18% од бруто платата на осигуреникот, 6% се пренесуваат во приватниот задолжителен пензиски фонд (втор столб), додека 12%  остануваат во Фондот на ПИОМ (прв столб).
  • Странска пензија - е пензија остварена во друга држава со која може да има или да нема договор за социјално осигурување.
  • Старосна пензија - право од пензиското и инвалидското осигурување кое се стекнува кога осигуреник (маж) ќе наполни 64 години живот , односно осигуреник (жена) 62 години живот жена и најмалку 15 години пензиски стаж. Овие услови треба да бидат кумулативно односно истовремено  исполнети. 

 

Т

  • Тековно финансирање - претставува финансирање на основа на генерациска солидарност, односно придонесите од сегашните вработени се користат за исплата на пензиите на сегашните пензионери.
  • Телесно оштетување-е  загубување, посуштествено оштетување или позначителна онеспособеност на одделни органи или делови од телото што ја отежнува нормалната активност на организмот и бара поголем напор во остварувањето на животните потреби, без оглед на тоа дали причинува или не причинува инвалидност.
  • Трансакциски провизии - се надоместокот за берза на хартии од вредност, надоместокот за депозитар на хартии од вредност и провизијата за правните лица кои вршат услуги со хартии од вредност непосредно поврзани со тргување со средствата на доброволните пензиски фондови.
  • Транспарентност- членовите и пензионираните членови на пензиските фондови добиваат редовни и детални извештаи за своите средства и друштвата за своите активности редовно ја известуваат јавноста и членовите.
  • Тростолбен пензиски систем - пензискиот систем  во Република Македонија е составен од три столба и тоа: задолжително пензиско и инвалидско осигурување или прв столб; задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или втор столб и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување  или трет столб.

 

Ќ

 

У

  • Управен одбор на Фондот на ПИОМ - орган на управување на Фондот и има седум члена кои ги именува Владата на Република Македонија за време од четири години. 
  • Управна постапка - за остварување на права од пензиското и инвалидското осигурување се применува Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за општа управна постапка.
  • Усогласување на пензии - се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просеч исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходиа пензии.

 

Ф

  • Фидуцијарна должност - е обврска лицето да работи единствено во корист на интересите на членовите и на пензионираните членови на задолжителниот пензиски фонд. Должноста треба да ја спроведува со примена на високи стандарди на етика и интегритет и без конфликт на интереси и да обезбеди нивна примена од страна на секој вработен и работно ангажиран во друштвото.
  • Филијали на Фондот - организациски облик за вршење на работите од Фондот,   кои имаат право на одлучување за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
  • Финансиска институција - е банка, друштво за осигурување, друштво за управување со пензиски фондови, друштво за управување со средства или слична финансиска институција.
  • Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија  (Фонд на ПИОМ) - е фонд чија што дејност е од јавен интерес и одлучува за права од пензиското и инвалидското осигурување и врши исплата на пензии. Седиштето на Фондот е во Скопје -види www.piom.com.mk

 

Х

 

Ц

 

Ч

  • Член на пензиски фонд - е физичко лице кое склучило договор за членство во задолжителен и/или доброволен пензиски фонд и има задолжителна и/или доброволна индивидуална сметка и/или има професионална сметка во доброволен пензиски фонд.
  • Членување во доброволен пензиски фонд - член на доброволен пензиски фонд може да биде лице кое не е опфатено во задолжително пензиско осигурување или лице кое е опфатено во тоа осигурување, по сопствен избор.
  • Чувар на имот - е банка или специјализирана депозитарна институција на која друштво кое управува со доброволни пензиски фондови и друштво кое управува со задолжителни и доброволни пензиски фондови и ја доверило одговорноста за чување на средствата на доброволните пензиски фондови и врши други активности определени со овој закон.
  • Чувар на имотот на приватните пензиски фондови - е институција ( деловна банка)  која ги чува безбедно средствата на приватните пензиски фондови и која осигурува дека инвестициските договори поврзани со овие средства се во согласност со законите.

 

Џ

 

Ш

 

Мени за пристапност