Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот Ѓоко Велковски на првиот состанок на Заедничкиот управувачки комитет за Рамката за соработка на ОН со Северна Македонија 2026–2030

Заменик министерот Ѓоко Велковски на првиот состанок на Заедничкиот управувачки комитет за Рамката за соработка на ОН со Северна Македонија 2026–2030

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска присуствуваше на првиот состанок на Заедничкиот управувачки комитет (ЗУК) за Рамката за соработка на Обединетите нации со Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.

Со состанокот ко-претседаваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбиа.

На состанокот беа презентирани резултатите реализирани во текот на 2025 година со поддршка на Обединетите нации, како и Заедничкиот работен план за 2026 година. Учесниците дискутираа и за усогласувањето на националните приоритети со Рамката за соработка за периодот 2026–2030 година.

Во своето обраќање, заменик министерот Велковски ја истакна важноста на демографската отпорност, еднаквите можности за секое дете и родовата еднаквост како стратешки приоритети на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Во партнерство со агенциите на Обединетите нации работиме на финализирање на Стратегијата за демографска отпорност 2026–2046, која треба да понуди долгорочни решенија за предизвиците поврзани со намалувањето на населението, иселувањето на младите и стареењето на популацијата. Нашата цел е да создадеме услови младите луѓе својата иднина да ја градат во Македонија“, истакна Велковски.

Тој посочи дека Министерството паралелно работи и на подготовка на Националниот акциски план за Европската гаранција за деца 2026–2030, чија цел е обезбедување подобар пристап до образование, здравствена и социјална заштита за секое дете, со посебен фокус на најранливите категории.

Дополнително, Министерството останува посветено на унапредување на родовата еднаквост, економското зајакнување на жените и борбата против родово-базираното насилство.

На состанокот беше нагласено дека поддршката и партнерството со Обединетите нации имаат значајна улога во креирањето и спроведувањето политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, особено за младите, децата и семејствата.

Мени за пристапност