1. Кој има право на надоместок за помош и нега од друго лице?
Право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.
2. Каде се остварува правото на надоместок за помош и нега од друго лице?
Во меснонадлежниот центар за социјална работа.
3. Колку изнесува висината на месечниот надоместок за помош и нега од друго лице?
Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во 2026 година во поголем обем изнесува 6342 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во 2026 годинаво помал обем изнесува 5610 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
4. Кој ја утврдува потребата за помош и нега од друго лице?
Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.
5. Кои други услуги може да ги користи корисникот на правото на помош и нега од друго лице?
Корисникот на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот.
1. Кој може да користи надоместок заради попреченост?Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е:
- со тешка или длабока интелектуална попреченост,
- со најтешка телесна попреченост,
- потполно слепо лице и
- потполно глуво лице.
Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.
2. Каде се поднесува барање за остварување на надоместокот заради попреченост?
Барање за остварување на правото на попреченост се поднесува во меснонадлежниот центар за социјална работа.
3. Колку изнесува висината на надоместокот заради попреченост?
Висината на месечниот надоместок заради попреченост во 2026 година изнесува:
- 10.209 денари за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепо лице и
- 5.834 денари за потполно глуво лице.
Износите на надоместокот се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
4. Кои други услуги може да ги користи лицето корисник на надоместокот заради попреченост?
Корисникот на нaдоместокот заради попреченост може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот и во заедницата.
1. Кој има право на траен надоместок?
Право на траен надоместок има:
• згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку петнаесет години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по која било основа и
• родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж.
Правото не може да се оствари доколку центарот за социјална работа еднострано го раскинал договорот за сместување лице во згрижувачото семејство.
2. Колку изнесува висината на трајниот надоместок?
Висината на трајниот надоместок изнесува 11.336 денари месечно, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
1. Кој има право на гарантирана минимална помош?
Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.
За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош, согласно со Законот за социјална заштита.
2. Кои документи се потребни за остварување на правото на гарантирана минимална помош?
Потребните документи, како и образец на Барањето за остварување на правото на гарантирана минимална помош се дефинирани во Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош, утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото, образецот на барањето и потребната документација .
3. Каде се поднесуваат документи за остварување на правото на гарантирана минимална помош?
Во меснонадлежниот центар за социјална работа според местото на живеалиште/престојувалиште.
4. Колку изнесува висината на гарантираната минимална помош? Како се пресметува висината на гарантираната минимална помош?
Висината на правото на гарантираната минимална помош ја утврдува стручниот работник во центарот за социјална работа во согласност со структурата и потребите на конкретното домаќинство.
5. Во кој случај престанува правото на гарантирана минимална помош?
Правото на гарантирана минимална помош престанува доколку:
– носителот даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба на домаќинството при поднесувањето на барањето,
– носителот не ја пријави промена на бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, во текот на користењето на правото,
– корисникот не се пријави во надлежниот центар за вработување во рокот и редовно не ги исполнува обврските за евидентирање согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– корисникот два пати последователно одбие да ги исполни обврските од индивидуалниот план за вработување за вклучување во програмата за активни мерки за вработување или одбие посредување за вработување согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос,
– домаќинството не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа или
– на овластениот работник не му се дозволи да направи увид во домот за проверка на материјалната и бројната состојба во домаќинството, констатирано врз основа на стручна документација.
Овие домаќинства се исклучуваат од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните 12 месеци. На домаќинството на кое ќе му престане правото на гарантираната минимална помош правото ќе продолжи само за лицата членови на домаќинството кои не се причинители на престанокот на правото. По исклучок од ова, во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), домаќинството се исклучува од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните три месеци.
6. Дали домаќинството кое користи право на гарантирана минимална помош има право и на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството?
Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март. Месечниот износ на висината на додатокот изнесува 1.000 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. По исклучок, во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември.
7. Кој решава по жалба против првостепено решение за остварување на правото на гарантирана минимална помош?
По жалбата против решението на центарот за социјална работа за правото на гарантирана минимална помош решава Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
Жалбата се поднесува преку надлежниот центар за социјална работа.
1. Кој има право на додаток за домување?
Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица.
Материјално необезбедено лице е:
- лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, согласно Законот за социјалната заштита и
- чии приходи по сите основи, како и приходите на неговиот брачен другар и другите членови на неговото семејство, со кои тоа живее во заедница и за кои постои обврска за меѓусебно издржување согласно Законот за семејството, се пониски од 5.600 денари месечно по член на семејство.
Како приход не се смета гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, еднократна парична помош за новороденче, детски додаток, додаток за образование и посебен додаток, остварени согласно закон.