Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Права на парична помош од социјална заштита

Право на парична помош од социјална заштита се остварува со поднесување на барање до центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на бараелот, доколку ги исполни условите предвидени во Законот за социјалната заштита и соодветниот правилник. 

 

Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош, согласно со овој закон.

По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), за материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во месецот пред поднесување на барањето за остварување на правото на гарантирана минимална помош и во месецот пред тековниот месец на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантирана минимална помош.

Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството.

Основицата изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со еквивалентна скала и тоа за:

– вториот член за коефициент од 0.5,
– третиот член за коефициент од 0.4,
– четвртиот член за коефициент од 0.4 и
– петтиот член за коефициент од 0.2.

За дете член на домаќинството основицата се зголемува за коефициент од 0.1.

Еквивалентна скала се зголемува за коефициент од 0.5 за самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител до започнување на основното образование на детето, но најдоцна до седум годишна возраст на детето, а заклучно до третото дете.

Еквивалентна скала исто така се зголемува за лице кое е неспособно за работа поради интелектуална попреченост, телесна попреченост, душевно заболување или поради трајни промени во здравствената состојба, но најмногу до три члена во домаќинството и тоа за првиот член за коефициент од 0.5, за вториот член за коефициент од 0.2, за третиот член за коефициент од 0.2

Неспособноста за работа за овие лица се утврдува со наод, оцена и мислење од стручна комисија за утврдување на неспособност за работа формирана при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

По исклучок за неспособно за работа се смета лице чиј вид и степен на попреченост е утврден со наод, оцена и мислење на стручен орган, утврден на начин согласно со овој закон.

Право на гарантирана минимална помош може да оствари и домаќинство кое е материјално необезбедено, но има во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува, во случај кога членот на домаќинството, сопственик на имотот склучи договор за доживотна издршка со центарот за социјална работа.

Висината на правото на гарантирана минимална помош ја утврдува центарот за социјална работа во соработка со корисникот во зависност од вредноста на имотот што е предмет на договорот за доживотна издршка, а по претходна согласност на Министерството.

Центарот за социјална работа го определува носителот на правото на гарантирана минимална помош. Носителот на правото е должен да ја пријави бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, при поднесување на барањето и да извести за промените во текот на користењето на правото, а кои влијаат на остварување и користење на правото, во рок од 15 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.

Центарот за социјална работа по службена должност ја проверува материјалната состојба на носителот на правото на гарантирана минимална помош и сите полнолетни членови на домаќинството, преку обезбедување на податоци за остварени месечни приходи од службената евиденција на надлежниот јавен орган, Министерството за финансии - Управата за јавни приходи.”.

По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), носителот на правото е должен да извести за промената на бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството која влијае на користење на правото на гарантирана минимална помош, во рок од 30 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.

Гарантираната минимална помош се исплатува во висина на разликата од утврдениот износ на гарантираната минимална помош и вкупните просечни месечни приходи по сите основи на домаќинството, остварени во последните три месеци. Висината на гарантирана минимална помош се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.

Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година не се врши усогласување на висината на гарантираната минимална помош.

При утврдување на висината на гарантираната минимална помош за член на домаќинство не се смета лице кое е:

– на издржување казна затвор подолго од 30 дена,
– со решение на центарот за социјална работа е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка, или друга установа и
– сторител на семејно насилство.

Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство во кое член:

- може сам да се издржува,
–може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот во нивна сопственост, кој членовите на домаќинството не го користат,
– има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор,
– може да обезбеди издржување по друга основа,
– е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување, до истекот на периодот до кога стекнува право повторно да се пријави, согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност и/или
– на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, во последните 12 месеци пред поднесување на барањето за остварување на право на гарантирана минимална помош.

Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство кое не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа.

По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), право на гарантирана минимална помош може да оствари домаќинство во кое член на домаќинството е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос.

Членовите на домаќинството, корисници на гарантирана минимална помош, кои се невработени, се евидентираат во надлежниот центар за вработување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Центарот за социјална работа го задолжува корисникот  во рок од 30 дена од денот на примот на решението за остварување на гарантирана минимална помош, да се евидентира како невработено лице во надлежниот центар за вработување. Доколку корисникот  не се јави во надлежниот центар за вработување во определениот рок  истиот по службена должност веднаш, а најдоцна три дена од денот на истекот на рокот, го известува надлежниот центар за социјална работа.

По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), корисникот од ставот 1 на овој член, не е должен да се евидентира како невработено лице во надлежниот центар за вработување.

Центарот за социјална работа со секој член на домаќинството, корисник на гарантирана минимална помош, кој е невработен и евидентиран во надлежниот Центар за вработување, изготвува индивидуален план. Корисникот на гарантирана минимална помош е должен да ги извршува обврските од индивидуалниот план заради надминување на материјалната необезбеденост на домаќинството.

Центарот за социјална работа и Центарот за вработување соработуваат во реализацијата на индивидуалниот план за вработување на корисникот, заради негово учество во активните мерки за вработување, како и вработување. Центар за социјална работа го спроведува индивидуалниот план за секој работно способен член на домаќинството, корисник на гарантирана минимална помош согласно со податоците од индивидуалниот план за вработување, добиени од Центарот за вработување.

Начинот на соработката за вклучување на корисникот во активните мерки за вработување, како и формата на образецот на индивидуалниот план од член 35 став 1 од овој закон, ги пропишува министерот за труд и социјална политика (во натамошниот текст: министерот).

Обврската наведена погоре не се однесува за лице:

– на редовно школување,
– неспособно за работа,
– жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и еден од родителите кој се грижи за детето до девет месечна возраст, освен доколку самиот се согласи да учествува во активни мерки и услуги,
– со навршени 60 години возраст, освен доколку самото се согласи да учествува во активни мерки за вработување,
– во работен однос,
– вршител на земјоделска, сточарска или друга дејност и
– вршител на занаетчиска, односно професионална дејност.

Корисниците на гарантираната минимална помош можат да бидат работно ангажирани за извршување на јавни работи, согласно со прописите од областа на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност.

Лица кои не подлежат на работно ангажирање  се: лице над 60 години возраст, жена за време на бременоста и еден од родителите кој се грижи за детето до девет месечна возраст на детето, лице неспособно за работа поради старост, попреченост или болест, лице во работен однос, ученик и студент.

Ако корисникот на гарантираната минимална помош неоправдано го одбие работното ангажирање, се смета за член на домаќинството при пресметување на вкупните приходи на домаќинството, а се исклучува од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните 12 месеци, сметано од денот на донесување на решението.

Правото на гарантирана минимална помош престанува доколку:

– носителот даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба на домаќинството при поднесувањето на барањето,
– носителот не ја пријави промена на бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, во текот на користењето на правото,
– корисникот не се пријави во надлежниот центар за вработување во рокот и редовно не ги исполнува обврските за евидентирање согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– корисникот два пати последователно одбие да ги исполни обврските од индивидуалниот план за вработување за вклучување во програмата за активни мерки за вработување или одбие посредување за вработување согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос,
– домаќинството не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа или
– на овластениот работник не му се дозволи да направи увид во домот за проверка на материјалната и бројната состојба во домаќинството, констатирано врз основа на стручна документација.

Овие домаќинства се исклучуваат од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните 12 месеци. На домаќинството на кое ќе му престане правото на гарантираната минимална помош  правото ќе продолжи само за лицата членови на домаќинството кои не се причинители на престанокот на правото.

 По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), домаќинството се исклучува од користење на правото на гарантираната минимална помош во наредните три месеци.

Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.

Месечниот износ на висината на додатокот изнесува 1.000 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

По исклучок од ставот 1 на овој член, во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември.

Домаќинство со деца кое користи гарантирана минимална помош, остварува и права за заштита на децата, согласно со Законот за заштита на децата.

Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е:

- со тешка или длабока интелектуална попреченост,

- со најтешка телесна попреченост,

- потполно слепо лице и

- потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Надоместок заради попреченост не може да оствари лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина.

Надоместок заради попреченост не може да користи лице ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува:

- 7.204 денари за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепо лице и

- 4.117 денари за потполно глуво лице.

Износите на надоместокот се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Правото на надоместок заради попреченост се остварува врз основа на конзилијарно мислење од првостепена комисија составена од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа.

Во постапката по жалба против наодот и мислењето на првостепената комисија за остварување на надоместок за попреченост, наод и мислење дава второстепена комисија од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа, кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен.

Лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост остваруваат право на надоместок заради попреченост, врз основа на траен наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченост издаден од стручен орган.

Корисникот на нaдоместокот заради попреченост може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот и во заедницата.

 

Право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните активности од секојдневниот живот, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби.

Потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерена интелектуална попреченост и лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби.

Потреба од помош и нега од друго лице има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги врши основните активности од секојдневниот живот.

При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема предвид и Бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од матичниот лекар на подносителот на барањето.

Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува  4711 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 4168 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.

Корисникот на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот.

Лице кое со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство,  организирано живеење со поддршка, здравствена или друга установа не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице за периодот додека трае сместувањето.

 

Барањето за остварување на правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост и најтешки облици на хринични заболувања, утврдено со Законот за работни односи, родителот го поднесува до центарот за социјална работа на подрачјето каде што подносителот има живеалиште.

Висината на надоместокот на плата изнесува 50% од просечната нето плата за полно работно време на родителот исплатена во претходната година, односно 100% од просечната нето плата за скратно работно време исплатена во претходната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.

По исклучок, за родител кој се вработил и остварил право за скратено работно време во тековната година, висината на надоместокот на плата изнесува 100% од просечната нето плата за скратно работно време исплатена во тековната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.

Придонесите за задолжително социјално осигурување за висината на надоместокот се пресметуваат и плаќаат согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица. Материјално необезбедено лице e:

- корисник на гарантирана минимална помош и 

- лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст. 

Начинот на остварување на правото на додаток за домување за корисници на гарантирана минимална помош ги определува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, а за лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, образецот на барањето, потребната документација и начинот на остварување на правото на додаток за домување ги пропишува министерот. Средствата за остварување на правото на додаток за домување се обезбедуваат од буџетот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, односно од Буџетот на Република Северна Македонија. Средствата за остварување на правото на додаток за домување може да се обезбедат и преку донации, кредити и слично.

Право на траен надоместок има:

• згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку петнаесет години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по која било основа и 

• родител кој се грижел за детето со попреченост и родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија. 

Право на траен надоместок за згрижувач има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку петнаесет години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по која било основа. 

Правото не може да се оствари доколку центарот за социјална работа еднострано го раскинал договорот за сместување лице во згрижувачото семејство. 

Право на траен надоместок има родител кој има дете со попреченост. Правото на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж. Правото не може да се оствари доколку на родителот му било одземено родителското право над детето. 

Висината на трајниот надоместок изнесува 8.000 денари месечно, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. 

Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.

Под помош во натура, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.

 По исклучок, како исклучок на несреќни случаи, акутна болест која бара болничко лекување и слично, може да го користат и државјани на Република Северна Македонија кои немаат постојано живеалиште, како и странци со привремен престој и регулиран влез во Република Северна Македонија, согласно со закон.

Во Буџетот на Републиката се обезбедуваат средства за доделување на еднократна помош во случаи на вонредно загрозување на населението од поголеми размери.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 30.000 денари и тоа:

- за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, заради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар) епидемија и смрт на член на семејството,

- лице кое има потреба од оперативен зафат или подолго лекување во здравствена установа во странство и

- станбено необезбедено лице корисник на гарантирана минимална помош и тоа лице неспособно за работа, како помош во обезбедување на нужно сместување.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 15.000 денари за потребите на лице - жртва на семејно насилство за обезбедување на итна заштита и згрижување.

Износот на еднокртана парична помош може да изнесува до 12.000 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик во случај на подолго лекување во здравствена установа, како и за лице-жртва на семејно насилство за остварување на право на здравствена заштита и медицински третман.

Износот на еднократна парична помош може да изнесува до 4.500 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик кој не остава трајни последици, а е неошходно социјално и материјално обезбедување на лицето.

Висината на правото на еднократна парична помош, се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа.

По исклучок во итни и неодложни случаи министерот може да донесе решение за доделување еднократна парична помош.

Против решението на министерот, може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Лице кое до 18-годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно по престанување на старателството, а најмногу до 26-годишна возраст, има право на интервентна еднократна парична помош во висина до 180.000 денари, заради вклучување во социјалната средина.

Ова право се остварува по напуштање на установата или згрижувачкото семејство.

Центарот за социјална работа заедно со ова лице, прави план за интеграција на лицето во социјалната средина кој се однесува на обезбедување на домување, вработување, редовно образование и други потреби, врз основа на кој се исплаќаат средствата.

Планот се изготвува три месеци пред напуштање на установата за вонсемејна заштита, станбената единица за живеење со поддршка или згрижувачкото семејство.

Во барањето за остварување на еднократна парична помош, поднесителот наведува за која цел му е потребна помошта и во рок од 15 дена од кога средствата се искористени, а најдоцна три месеци од добивање на помошта, до центарот за социјална работа доставува доказ дека средствата се искористени за целта наведена во барањето, освен за еднократна парична помош во висина до 4.500 денари.

Доколку лицето не достави доказ во рокот, должен е да ги врати примените средства.

Барањето за остварување на правото на еднократна парична помош се поднесува до месно надлежниот центар за социјална работа, на посебен образец – Барање за остварување на правото на еднократна парична помош, центарот за социјална работа ја зема предвид приложената документација.

Подносителот на барање за остварување на правото на еднократна парична помош, доставува лична карта или друга лична исправа само на увид за утврдување на адресата на живеење.

Потребна документација за остварување на правото на еднократна парична помош доколку подносителот на барањето не користи право од социјална заштита, за него и членовите на семејството е:

1. важечка лична карта за државјани на Република Северна Македонија, дозвола за постојан престој на странец, лична карта за признат бегалец или лична карта за лице под супсидијарна заштита, се доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството, или поднесено барање за признавање право на азил,

2. извод од матична книга на родените;

3. извод од матична книга на венчаните, доколку има склучено брачна заедница;

4. извод од матична книга на умрените, за починат член на семејството;

5. потврда за примена нето плата во последните три месеци пред поднесување на барањето;

6. потврда за остварена пензија, за пензионери;

7. потврда од Агенција за вработување на Република Северна Македонија, за невработени членови во семејството и

8. уверение за пријавени или остварени приходи од Управата за јавни приходи.

Документите од точките 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8, од страна на центарот за социјална работа се прибавуваат по службена должност по пат на размена на податоците по електронски пат со надлежните институции или во писмена форма, по претходно дадената писмена согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на еднократна парична помош.

Право на здравствена заштита имаат корисниците на:

  • корисник на гарантирана минимална помош, кое е лице неспособно за работа,
  • корисник на надоместок заради попреченост,
  • корисник на надоместок за помош и нега од друго лице,
  • лице со статус на признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита,
  • корисници на вон-семејна заштита,
  • лице-жртва на семејно насилство за кое се презема мерка на заштита согласно со прописите од областа за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и
  • лице-жртва на трговија со луѓе.

Корисниците остваруваат право на здравствена заштита, само доколку не можат да се стекнат со осигурување по друг основ.

Мени за пристапност