Потпишани договорите за бањско-климатска рекреација и лекување во 2010 година
Вчера во просториите на Министерство за труд и социјална политика беа потпишани договорите за бањско-климатска рекреација и лекување во 2010 година. Околу 10.000 пензионери ќе заминат на бесплатно бањско-климатска рекреација во текот на 2010 година како дел од проектот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и сопствениците на бањите низ земјава.

- Првата група од околу 500 пензионери заминуваат на бањско – климатска рекреација веќе на 6-ти февруари, а се очекува во останатите месеци проектот да се одвива во континуитет и да се достигне бројката од 10.000 пензионери-рече министерот Џељаљ Бајрами по денешното потпишување на договорите со сопствениците на бањите во земјава.
Договорите што беа потпишани опфаќаат бесплатно користење на услугите од четирите бањи во земјава и тоа Дебарски, Катланово, Негорски и Бања Бањско. За време на бањско-климатска рекреација пензионерите ќе имаат три платени оброци и обезбедена редовна медицинска нега.
Со договорот е предвиден и лекарски надзор на пензионерите во моментот кога ќе бидат примени во бањата како и во текот на седумдневниот престој. Исто така претставници од МТСП ќе можат во секој момент да доаѓаат во посета на бањите и да се уверат во квалитетот на третманот што го добиваат пензионерите.
Претставниците на бањите се задоволни од потегот на Владата бидејќи сметаат дека на таков начин и тие ќе можат да ја развиваат оваа дејност и да нудат се подобри услови за бањско лекување.
Одлуката државата да обезбеди средства за бањско лекување на 10 илјади пензионери Владата ја донесе кон крајот на минатата година. Тогаш беа пропишани и критериумите кои треба да се исполнат за да може да се користи бесплатно бањско лекување. Најголем број од бодовите, односно до 60 бода се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензија и плаќање на придонесите, а по 10 бода за пензионерите кои се корисници на правото за помош и нега од друго лице. |