Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и државниот секретар, Фатмир Сабриу учествуваа на трилатерална конференција посветена на унапредување на вклучувањето на лицата со попреченост и зајакнување на регионалната соработка за одржлив развој. Конференцијата ја организираа Здружението Институт за развој на заедницата, во партнерство со Преда плус фондација и АДРФ (Albanian disability rights foundation) и со поддршка од партнерски организации, а во рамки на регионалната иницијатива „Empowered“. Проектот е финансиран од страна на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузната Република Германија (БМЗ).
Заменик министерот Велковски во своето воведно обраќање истакна дека Министерството со поддршка на Владата, е во центарот на една суштинска трансформација, од фрагментиран социјален систем кон модерен систем на права, услуги и можности.
„Нашата улога е да градиме политики што произведуваат автономија, учество и достоинствен и квалитетен живот. Во моментов работиме на нова, сеопфатна рамка за професионална рехабилитација и вработување на лица со попреченост, која за прв пат воведува модел базиран на работна способност, поддршка и резултати. Предлог-законот предвидува и воведување на квотен систем за активно вклучување на лицата со попреченост во јавниот и приватниот сектор, како јасна порака дека вклучувањето не е доброволна опција, туку системска обврска,“ порача Велковски.
Тој порача дека новиот закон треба да донесе промени не само во институционалниот контекст, туку и во начинот на размислување , од култура на заштита кон култура на учество и општествена активност, но и одговорност.
„Паралелно, со поддршка на Светска банка, го започнавме процесот на воспоставување на Сеопфатен и интегриран систем за проценка на попреченоста, преку кој ќе изградиме систем што ги препознава функционалните бариери кои ја создаваат попреченоста во интеракција со општеството,“рече Велковски.
Тој на крајот завршам со порака до сите присутни дека инклузијата не е прашање на еден ресор, една институција или една држава. Таа е заеднички проект на целиот регион и заедничка обврска на сите нас.
Во рамките на конференцијата, како панелист во делот за политики за вработување и поддршка за вработување на лица со попреченост зборуваше државниот секретар Сабриу кој се осврна на Законот за вработување на инвалидни лица кој е во сила во моментот и кои придобивки и какви резултати носи имплементацијата на истиот.
„Законот за вработување на инвалидни лица повеќе од 20 години создава реални можности за работа. Преку заштитните друштва и мерките за поддршка денес се вработени околу 5.000 лица, од кои над 2.150 се лица со инвалидност.
Преку Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица се доделуваат неповратни средства за вработување, адаптација на работни места, набавка на опрема и работни асистенти. Само во 2025 година, преку овој фонд беа исплатени над 121 милион денари, вклучително и барања кои не биле реализирани во претходната година. Од тие средства, беа доделени 107 милиони денари, за тековната година, од кои над 53 милиони за вработување, што значи 80 нови вработувања на лица со инвалидност, и над 54 милиони за опрема, што директно придонесе за подобри услови за работа и за поголема продуктивност во заштитните друштва и кај работодавачите,“ рече Сабриу.
Тој посочи дека е време да се оди чекор понатаму – од заштитено кон отворено вработување, од сегрегација кон целосна инклузија. Притоа ги презентираше новитетите со Предлог законот за професионална рехабилитација и поддржано вработување и новиот Систем за проценка на лицата со попреченост.
„Новиот Систем за проценка го градиме како механизам за отклучување на потенцијалот, а не за етикетирање на ограничувањата. Се оддалечуваме од медицинскиот модел и се движиме кон пристап заснован на човекови права, во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Во истиот дух, професионалната рехабилитација ја гледаме како мост меѓу човечкиот потенцијал и економското учество. Нашата цел е поддржано вработување, работни асистенти, приспособени работни места и реална транзиција кон отворениот пазар на труд,“ истакна Сабриу.
Конференцијата претставува платформа за размена на искуства, презентација на добри практики и зајакнување на партнерствата меѓу организации и институции од Северна Македонија, Албанија и Косово, со цел поттикнување на регионален дијалог и заедничко делување кон поинклузивни политики и практики.