Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на настан насловен: „Зајакнување на социјални претпријатија - донаторски настан“ во организација на Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво ИНОВА, во соработка со Сојузот на Стопански Комори на Република Македонија. Целта на настанот беше зајакнување на социјалните претпријатија и покренување на иницијативата за поддршка на социјалното претприемништво, како и вмрежување помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските иницијативи.
Преку овој настан компаниите имаа можност да донираат за шелтерот за штркови во склоп на The Country side, преку купување на маички и капи. Истовремено беше претставена и хуманата приказна зад овој проект. Преку донациите да се поттикне поддршка за заштита и грижа за штрковите и зачувување на природата.
Во своето обраќање пред присутните, Сабриу даде акцент на заедничката цел – зајакнување на идејата за социјалните претпријатија и да се покаже дека економијата може да биде мост меѓу профитот и човечноста, меѓу растот и солидарноста.
„Социјалните претпријатија не се само правни лица. Тие се живи мостови меѓу маргините и центарот на општеството. Тие се гласот на оние кои често остануваат без глас – лицата со попреченост, младите без работа, самохраните родители, бегалците, жртвите на насилство. Тие се платформа за надеж, за активирање, за достоинствен живот,“ порача Сабриу.
Тој посочи дека за Министерството социјалното претприемништво е стратешки приоритет. И притоа, информираше дека, Предлог-законот за социјални претпријатија е во владина процедура и се очекува во првата половина на 2026 година да ја помине собраниската процедура и да биде усвоен.
„Овој закон има јасна цел – да создаде правна и финансиска рамка за развој на социјалните претпријатија, кои работат транспарентно, одговорно и инклузивно. Тие делуваат во области како вработување на ранливи категории, обезбедување социјални услуги, еколошки активности и културни иницијативи. Но уште поважно: законот ги става луѓето во центарот. Ги препознава ранливите категории граѓани како клучни учесници и корисници,“ истакна Сабриу.
Тој се осврна на симболиката на штрковите, за кои рече дека не се само птици – туку се симбол на животот, на природата што мора да ја зачуваме, на надежта што мора да ја негуваме.
„Социјалните претпријатија се тие гнезда на надежта. Тие се местата каде што луѓето добиваат втора шанса, каде што младите учат и се развиваат, каде што ранливите категории граѓани добиваат достоинствена работа и поддршка,“ потенцираше Сабриу.