Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на петтата седница на Економско-социјалниот совет, на која беа отворени низа важни прашања од значење за економскиот и социјалниот развој на државата.
Економско-социјалниот совет ја потврдува заедничката определба клучните економски и социјални прашања да се решаваат преку дијалог, партнерство и заемна одговорност. На седницата се дискутираше за состојбите на пазарот на трудот, животниот стандард и унапредувањето на социјалниот дијалог.
Посебно внимание беше посветено на унапредување на политиките и мерките за постигнување подобар баланс помеѓу работниот и приватниот живот, преку спроведување родово-одговорни семејни политики.
Во фокусот на дискусијата беше и Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2026 година, со буџет од 2,39 милијарди денари. Планот е насочен кон поддршка на младите, обезбедување обуки за вештини што се барани на пазарот на трудот, како и поголемо вклучување на најранливите категории граѓани.
Целта на овие политики е обезбедување одржлив раст на платите, заштита на работните места и зголемување на сигурноста за работниците и економијата во целина. Социјалниот дијалог останува клучен механизам за постигнување одржливи и долгорочни решенија.