Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу денеска присуствуваше на презентација на Анализата на разликите во препораките за права и услуги за деца и млади со попреченост, спроведена од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори во соработка со УНИЦЕФ.
Пред присутните Сабриу ја нагласи исклучителната значајност на анализата која треба да даде јасна слика за тоа како методологијата за проценка директно влијае врз пристапот до права, услуги и поддршка за децата и младите со попреченост.
Разликите во остварувањето на правата и услугите на децата и младите со попреченост со постоечката функционална проценка дефинирана во Правилникот за функционална проценка и со новата предлог-универзална методологија ќе бидат инпут за креирање на систем кој е поправеден, поефикасен и повеќе насочен кон реалните потреби на детето.
„За Министерството за социјална политика, демографија и млади, унапредувањето на процесите за проценка на попреченост не е административно прашање, туку прашање на човекови права и достоинство.
Нашата заложба е јасна – да изградиме систем што нема да исклучува, туку ќе овозможува навремен, еднаков и континуиран пристап до услуги и поддршка. Истовремено, ваквите анализи ни помагаат да носиме одлуки засновани на докази, со јасна проценка на финансиските импликации и одржливоста на системот,“ рече Сабриу.
Тој нагласи дека реформите мора да се темелат на соработка – меѓу институциите, стручната фела, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.
„Министерството ќе продолжи активно да работи на унапредување на политиките, процесите и услугите, со јасна визија: секое дете и секој млад човек со попреченост да добие поддршка што е правична, навремена и прилагодена на неговите потреби,“ порача Сабриу.