Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска се обрати на отворањето на Втората меѓународна конференција за аутизам 2026 – „Низ призмата“, која од 18 до 20 ноември се одржува во Скопје, во организација на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“.
Конференцијата обединува меѓународни и домашни експерти, истражувачи, здравствени и образовни професионалци, претставници на институции, лица со аутизам, самозастапници и нивните семејства, со цел размена на знаења, искуства и добри практики за унапредување на квалитетот на животот и можностите на лицата со аутизам.
Во своето обраќање, министерот Велковски истакна дека аутизмот не смее да се гледа како пречка за учење, развој и активно учество во заедницата, туку дека обврска на институциите е да ги препознаат индивидуалните способности и потреби и да создадат услови за нивно целосно остварување.
„Оваа конференција не треба да биде само место за размена на стручни мислења и искуства. Таа треба да биде повик за промени, за поголема грижа, за подобри услуги и за создавање општество во кое секое дете, секое лице, ќе има можност да го развие својот потенцијал“, порача Велковски.
Осврнувајќи се на потребата од системско планирање и креирање политики засновани на релевантни податоци, министерот ја нагласи важноста од воспоставување национален регистар на лица со аутизам, кој ќе овозможи подобро утврдување на потребите, планирање на услугите и соодветна распределба на ресурсите.
„Без точни и систематизирани податоци, тешко можеме да планираме соодветни политики, да ги утврдиме потребните услуги, да ги распределиме ресурсите и да обезбедиме навремена поддршка за секое семејство“, истакна министерот.
Велковски посочи дека преку Министерството за социјална политика, демографија и млади функционираат два специјализирани дневни центри за деца со аутизам – во Скопје и во Штип. Покрај нив, во мрежата на дневни центри за дневен престој се опфатени над 450 корисници од различни категории на попреченост.
Министерот нагласи дека е неопходно континуирано унапредување на стручните капацитети за рано препознавање на знаците на аутизам, развивање инклузивно образование со соодветен наставен кадар и образовни асистенти, како и обезбедување поголема поддршка за семејствата кои секојдневно се соочуваат со бројни социјални и економски предизвици.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на системот на социјална поддршка и развој на инклузивни услуги, преку координирана соработка со институциите, стручните служби, граѓанските организации и семејствата. Целта е да се создаде систем кој ќе ги препознава способностите на секое лице, ќе ги почитува индивидуалните потреби и ќе обезбедува поддршка и еднакви можности за достоинствен, самостоен и активен живот во општеството.