Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, го отворија новиот објект на детската градинка „Лавче“ во населбата Инџиково.
Со отворањето на новиот објект се обезбедуваат дополнителни капацитети за згрижување на 50 деца од предучилишна возраст, со што се создаваат подобри услови за нивно згрижување, воспитание и правилен ран детски развој.
Проширувањето на капацитетите во предучилишното образование продолжува и во наредниот период. Наскоро се очекува отворање на уште еден нов објект помеѓу населбите Маџари и Керамидница, додека во периодот што следи е планирано поставување камен-темелник на нова детска градинка во населбата Сингелиќ, во Општина Гази Баба.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на системот на предучилишно воспитание и образование, преку изградба на нови детски градинки, проширување на постојните капацитети и создавање услови за поголем опфат на децата во системот на предучилишно образование.
Во изминатите две години обезбедени се нови места за 1.600 деца во детските градинки низ државата. Овој тренд продолжува со засилена динамика, посветеност и одговорност, со цел обезбедување достапни и квалитетни услуги за згрижување на најмладите.
Министерртсвото за социјална политика демографија и млади, во партнерство со единиците на локалната самоуправа, продолжува со реализација на активности за отворање нови капацитети за згрижување деца во сите општини низ државата.