По повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска учествуваше на настанот „Ѕвониме за децата“, под мотото „Да избереме подобра иднина за децата: силен почеток за секое дете“.
Заедно со министерката Весна Јаневска, претставници на Македонската берза, УНИЦЕФ, деловната заедница, институциите и развојните партнери, министерот упати порака дека грижата за децата, почитувањето на нивните права и обезбедувањето еднакви можности се заедничка одговорност на целото општество.
Во своето обраќање, Велковски истакна дека секое дете заслужува безбедно и квалитетно детство, пристап до образование, соодветна грижа и можност да го развие својот целосен потенцијал, без разлика на семејните и социјалните околности.
Тој посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на проширување на мрежата на детски градинки, зголемување на опфатот на децата во предучилишното згрижување и воспитание, како и унапредување на квалитетот на услугите. Во партнерство со УНИЦЕФ, се работи и на развој на нова Програма за рано учење и развој, со која ќе се создадат подобри услови за раниот детски развој и учење.
Посебно внимание се посветува на децата со попреченост и децата од ранливите семејства, со цел обезбедување инклузивна средина и еднакви можности за секое дете.
„Нашата обврска не е само да обезбедиме услови за згрижување и образование, туку да создадеме општество во кое секое дете ќе биде прифатено, заштитено, поддржано и ќе има можност да напредува. Првите години од животот се темелот на понатамошниот развој, затоа вложувањето во раното детство е вложување во иднината на целото општество“, истакна Велковски.
Министерот ја поздрави соработката меѓу Македонската берза и УНИЦЕФ, нагласувајќи дека создавањето подобри услови за децата бара активно учество и партнерство на институциите, локалната власт, деловната заедница и граѓанскиот сектор.
На крајот, Велковски порача дека детските потреби, права, соништа и мислења мора да бидат во центарот на секоја политика и одлука што ги засега.
„Децата не се само нашата иднина, тие се нашата сегашност. Затоа, секоја наша одлука денес треба да придонесе за посреќно, побезбедно и поквалитетно детство. Нашата цел е секое дете да добие силен почеток, еднакви можности и шанса да ја изгради својата иднина“, порача министерот Велковски.