Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Велковски: Отворањето на првата детска градинка во Теарце е нова можност за децата и поддршка за семејствата од оваа општина

Велковски: Отворањето на првата детска градинка во Теарце е нова можност за децата и поддршка за семејствата од оваа општина

Во Општина Теарце денеска беше отворена детската градинка „Фољеја“, прва јавна установа за предучилишно воспитание и образование во оваа општина, со капацитет за 147 деца.
На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Теарце, Даут Мемиши, директорката на ЈУ детска градинка „Фољеја“, Исниша Велии Фаризи, како и претставници на институциите и локалната заедница.
Министерот Велковски истакна дека отворањето на градинката претставува многу повеќе од отворање на нов објект, туку создавање нова можност за децата, родителите и целата заедница.
„Денес го означуваме почетокот на работа на првата јавна установа за предучилишно воспитание и образование во Општина Теарце. Тоа е значаен чекор во создавањето услови секое дете, без разлика каде живее, да има еднаква можност за правилен раст, развој и образование од најрана возраст“, порача Велковски.
Тој нагласи дека за Министерството за социјална политика, демографија и млади, обезбедувањето еднаков пристап до услугите за децата е јасен приоритет.
„Децата од руралните средини не смеат да имаат помалку можности од децата кои растат во урбаните средини. Местото на живеење не смее да биде пречка за едно дете да добие квалитетна грижа, воспитание и образование“, истакна министерот.
Градинката „Фољеја“ има капацитет за згрижување на 147 деца, а Министерството обезбеди и вработување на неопходниот стручен кадар за нејзино непречено функционирање.
„За една градинка навистина да биде функционална, не е доволно само да постои објектот. Потребни се луѓе, потребен е стручен и посветен кадар. Затоа обезбедивме и вработувања на кадарот неопходен за функционирање на оваа установа“, рече Велковски.
Министерот потенцираше дека токму функционалноста и достапноста на услугите се клучни при реализацијата на проектите во предучилишната грижа.
„Ова е начинот на кој треба да ги реализираме проектите – не само да изградиме објекти, туку да обезбедиме тие да бидат функционални и достапни за граѓаните“, порача Велковски.
Тој упати и повик до општините активно да ги користат можностите што ги нуди Министерството преку јавните повици за поддршка на проекти за развој на предучилишната заштита и согласно реалните потреби на локалните заедници.
„Зад секое место во градинка стои едно дете, а зад секое дете – семејство кое очекува институциите да му обезбедат поддршка и сигурност. Министерството и понатаму ќе работи во партнерство со општините, заеднички да создаваме подобри услови за нашите деца“, истакна министерот.
Во своето обраќање, Велковски упати благодарност до претставниците на Европската Унија за поддршката, како и до вработените во градинката „Фољеја“, на кои им посака успешна работа.
Отворањето на првата јавна детска градинка во Општина Теарце претставува значаен чекор кон проширување на опфатот на децата со предучилишно образование и создавање еднакви услови за раниот раст и развој на децата во сите средини.
„Оваа градинка нека биде место каде што ќе растат генерации деца со насмевка, сигурност и верба во себе“, порача министерот Велковски.

Мени за пристапност