Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, го отвори Дневниот центар за лица со попреченост во Кочани.
Дневниот центар е воспоставен преку партнерство на Општинската организација на Црвениот крст Кочани со Општина Кочани, Општина Чешиново-Облешево и Општина Зрновци, со поддршка од Третиот јавен повик за развој на социјални услуги, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги.
„Нашата цел е социјалните услуги да бидат достапни таму каде што им се најпотребни на граѓаните. Отворањето на овој Дневен центар е уште еден конкретен чекор кон создавање систем кој обезбедува поддршка, еднакви можности и поголема вклученост на лицата со попреченост во заедницата“, истакна министерот Велковски.
Согласно издадената лиценца, Центарот има капацитет за опслужување на 12 корисници месечно. Услугата е наменета за лица над 26-годишна возраст со тешка телесна, интелектуална или комбинирана попреченост, на кои им е потребна поддршка во секојдневното функционирање, социјализацијата и личниот развој.
Во Центарот се обезбедуваат работно-окупациони, едукативни, рекреативни и социјални активности, како и активности за личен раст и развој. Активностите се приспособени на индивидуалните потреби, интереси, можности и функционални способности на корисниците.
Преку услугата се создаваат услови за развивање и одржување на постојните вештини, унапредување на самостојноста, зајакнување на самодовербата и поттикнување на социјалната интеракција и активното учество во заедницата.
Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува со поддршка на развојот и проширувањето на социјалните услуги во локалните заедници, со цел граѓаните да добиваат навремена, квалитетна и достапна поддршка во своето место на живеење.
Отворањето на Дневниот центар во Кочани е значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства и кон создавање поинклузивни локални заедници.