Во детската градинка „8 Април“ во Општина Шуто Оризари денеска беа отворени шест нови занимални, со што се зголемуваат капацитетите за предучилишно згрижување и воспитание на децата во општината.
На отворањето присуствуваа претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, амбасадорката на Кралството Норвешка, Н.Е. г-ѓа Кристин Мелсом, и амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. г. Кристоф Сомер.
Со новите занимални се создава дополнителен простор за игра, учење, дружење и развој на децата, а истовремено се обезбедува и дополнителна поддршка за родителите и семејствата. Со проширувањето на капацитетите, во Општина Шуто Оризари повеќе нема да има листа на чекање, односно капацитетите ќе бидат целосно исполнети.
Министерот Велковски истакна дека отворањето на новите занимални во Шуто Оризари е дел од пошироките активности за зголемување на капацитетите во предучилишното воспитание и згрижување, со цел да се обезбедат еднакви можности за квалитетна грижа, воспитание и развој за секое дете.
„До крајот на мандатот, во општините на Град Скопје ќе се изградат 16 нови објекти за предучилишно згрижување и воспитание, со капацитет за над 2.100 деца. Паралелно со создавањето нови капацитети, инвестираме и во луѓето кои секојдневно се грижат за нашите најмали. Досега се обезбедени над 1.000 нови вработувања и унапредувања во детските градинки“, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Отворањето на шесте нови занимални во градинката „8 Април“ претставува конкретен чекор во насока на зголемување на достапноста на услугите за предучилишно згрижување и воспитание и подобрување на условите за децата и нивните семејства.
Министерот Велковски изрази благодарност до Кралството Норвешка и Швајцарската Конфедерација за партнерството и поддршката во реализацијата на проекти кои носат конкретна корист за децата и семејствата.