Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Велковски оствари средба со претставници на ГРЕВИО за унапредување на заштитата од насилство врз жените и семејно насилство

Велковски оствари средба со претставници на ГРЕВИО за унапредување на заштитата од насилство врз жените и семејно насилство

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари работна средба со претставници на ГРЕВИО – Групата експерти за акција против насилството врз жените и семејното насилство, независно експертско тело на Советот на Европа задолжено за следење на спроведувањето на Истанбулската конвенција.

На средбата беа презентирани заложбите и стратешките определби на Република Северна Македонија за спроведување на стандардите од Конвенцијата, со посебен акцент на унапредувањето на законската рамка, институционалната соработка и заштитата на жртвите.

Со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и со измените на Кривичниот законик, се унапредува системот за препознавање и санкционирање на различните форми на насилство, вклучително и економското насилство, демнењето, присилната контрола и фемицидот.

Во насока на поефикасна заштита, се преземаат активности за унапредување на процената на ризик, спроведувањето на мерките за заштита, меѓуинституционалната соработка и услугите за економска, социјална и психолошка поддршка на жртвите. Дополнително, се работи на забрзување на судските и обвинителските постапки.

На средбата беа презентирани и стратешките документи за наредниот период, меѓу кои Нацрт-стратегијата за периодот 2027–2034 година и Акцискиот план за периодот 2027–2030 година, насочени кон координирано спроведување на мерките и зајакнување на институционалната одговорност.

Дел од активностите се и кампањата „Не биди нем сведок“, насочена кон подигнување на јавната свест, како и специјализираните обуки за професионалците од релевантните институции.

Република Северна Македонија останува посветена на принципот на нулта толеранција кон насилството и на изградба на функционален систем кој обезбедува навремена превенција, ефикасна заштита и координирана поддршка за секоја жртва. Соработката со експертите на ГРЕВИО и нивните препораки се значајна можност за понатамошно унапредување на политиките и постигнување мерливи резултати во спроведувањето на Истанбулската конвенција.

Мени за пристапност