Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска учествуваше на Регионалниот форум „Локално лидерство за младите, мирот и безбедноста: Унапредување на Агендата за млади, мир и безбедност во Западен Балкан“, што се одржува во Скопје од 20 до 22 октомври 2026 година.
Форумот е посветен на унапредувањето на младинското учество, јакнењето на локалното лидерство и улогата на институциите во создавањето услови за активно вклучување на младите во процесите на одлучување.
Во своето обраќање, министерот Велковски ја истакна важноста од доследна примена на Законот за младинско учество и младински политики, како и потребата од функционални локални механизми што ќе овозможат младите суштински да влијаат врз одлуките што ја определуваат нивната иднина.
„Како Министерство и како Влада имаме јасен став, а тоа е дека младите не треба да бидат само тема на нашите политики, туку активни партнери во нивното создавање“, истакна министерот Велковски.
Тој посочи дека општините имаат клучна улога во спроведувањето на младинските политики преку функционални младински совети, активни младински службеници, конкретни локални активности и соодветна буџетска поддршка.
„Младинската политика треба да ја гледаме како инвестиција во развојот и стабилноста на нашите заедници, а не како формална обврска. Кога младите гледаат дека нивниот глас се слуша и дека нивните предлози можат да донесат промени, се гради доверба во институциите“, нагласи Велковски.
Посебен акцент беше ставен на важноста од зајакнување на соработката меѓу централната и локалната власт, со цел доследна примена на законската рамка и обезбедување еднакви можности за младите, независно од местото на живеење.
Во тој контекст, значајно место имаат Националната стратегија за млади и Акцискиот план, како инструменти за преточување на стратешките определби во конкретни активности и мерливи резултати, вклучително и преку интегрирање на принципите на Агендата за млади, мир и безбедност.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ја продолжува соработката со локалните власти, младинските организации и меѓународните партнери, меѓу кои и Обединетите нации, во насока на зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на младинското учество, инклузијата и конструктивниот дијалог.
Министерот Велковски истакна дека очекуваните резултати од Форумот треба да се преточат во конкретни обврски на локално ниво, посилна регионална соработка и одржливи партнерства, кои ќе придонесат кон создавање општество во кое младите имаат вистинска можност да учествуваат во креирањето на сопствената и заедничката иднина.