Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Ѓоко Велковски на седница на Економско-социјалниот совет

Министерот Ѓоко Велковски на седница на Економско-социјалниот совет

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска присуствуваше на седницата на Економско-социјалниот совет, на која се разгледуваа значајни прашања од областа на економската и социјалната политика, со посебен акцент на работничките права, условите за работа, заштитата на куповната моќ на граѓаните и интересите на работодавачите.

Во рамки на седницата, министерот Велковски го образложи Предлог-законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кој се предвидува можност за откуп на пензиски стаж во траење од најмногу 24 месеци за осигурениците на кои им недостасува овој период за исполнување на законскиот услов од најмалку 15 години пензиски стаж за остварување право на старосна пензија.

Предложеното законско решение се однесува на осигуреници кои во моментот на поднесување на барањето не се во задолжително социјално осигурување, а кои на 31 декември 2026 година имаат навршено 62 години живот, доколку се жени, односно 64 години живот, доколку се мажи, и на кои им недостасуваат најмногу 24 месеци стаж на осигурување за исполнување на законскиот минимум.

Предвидено е мерката да биде од времен карактер, со примена во периодот од 1 јануари 2027 до 31 декември 2028 година.

Со ова предложено законско решение се отвора можност за поддршка на граѓаните кои се соочуваат со недостиг на стаж за остварување право на старосна пензија, преку овозможување исполнување на законските услови за пензионирање.

Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува со активностите насочени кон унапредување на социјалната сигурност, заштитата на правата на граѓаните и креирањето политики што одговараат на реалните потреби и предизвици во општеството.

Мени за пристапност