Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска присуствуваше на настанот „Meet the Superschools“, организиран од Регионалната канцеларија на RYCO во Северна Македонија, во Europe House во Скопје.
Настанот го означи почетокот на спроведувањето на проектните идеи избрани во рамки на петтиот отворен повик на програмата за училишна размена „Superschools“, чија цел е поттикнување на регионалната соработка, размената на искуства и поврзувањето на младите од Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Велковски ја истакна важноста на програмата за градење пријателства, меѓусебно разбирање и почитување на различностите.
„Младите треба да бидат во центарот на нашите политики и институционални заложби. Тие не се само иднината, туку и активен и значаен дел од општеството денес. Наша обврска е да создадеме услови во кои секој млад човек ќе има можност да ги развива своите потенцијали, да учествува во општествените процеси и да ја гради својата иднина во средина што нуди еднакви можности, сигурност и перспектива“, истакна Велковски.
Тој посочи дека преку четирите отворени повици на програмата се планирани 330 размени, со кои ќе бидат опфатени приближно 3.960 млади луѓе, што претставува значајна инвестиција во регионалната соработка и новите генерации.
Министерот ја потврди посветеноста на Министерството на унапредувањето на младинските политики и партнерството со RYCO, нагласувајќи дека во тек се и конкретни активности за подобрување на пристапот на младите до информации и можности.
Во новиот циклус на програмата учествуваат десет средни училишта од Северна Македонија, чии наставници и директори ќе работат на реализација на проектни идеи преку меѓуучилишна соработка и размена.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на креирање политики и иницијативи кои ќе овозможат поголемо учество на младите, развој на нивните потенцијали и создавање подобри перспективи во земјата и регионот.