Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Ѓоко Велковски на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на ЈУ „Детски дом 11 Октомври“ – Скопје

Министерот Ѓоко Велковски на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на ЈУ „Детски дом 11 Октомври“ – Скопје

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес присуствуваше на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Јавната установа „Детски дом 11 Октомври“ – Скопје, установа која осум децении е дел од развојот на системот на социјална и детска заштита во државата.

Во своето обраќање, министерот Велковски истакна дека овој јубилеј претставува значаен момент за оддавање признание на сите генерации вработени, стручни работници и соработници кои низ годините биле посветени на грижата, заштитата и поддршката на децата.

Тој посочи дека установата има и посебно лично професионално значење за него, имајќи предвид дека пред преземањето на министерската функција, како службеник во тогашното Министерство за труд и социјална политика, остварувал непосредна професионална соработка со Детскиот дом.

Осврнувајќи се на развојот на системот на детска заштита, министерот нагласи дека процесот на деинституционализација претставува важен чекор во создавањето систем кој во центарот ги става потребите и најдобриот интерес на детето.

„Нашата цел е да изградиме систем кој нема да обезбедува само заштита и грижа за децата, туку ќе им овозможи и сигурна транзиција кон самостоен живот, образование, вработување и активно учество во општеството“, истакна Велковски.

Во таа насока, Министерството продолжува со унапредување и развој на згрижувањето во згрижувачки семејства. Во моментов, на национално ниво функционираат вкупно 392 згрижувачки семејства, во кои се згрижени 674 деца.

Посебен акцент беше ставен и на заложбата за повторно активирање на Програмата Д10, наменета за поддршка на лицата кои до наполнување на 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа.
Со оваа програма се очекува да се овозможи полесен пристап на овие млади лица до пазарот на трудот, можности за вработување, економска независност и успешно осамостојување. Поддршката за нив, како што истакна министерот, не смее да заврши со полнолетството, туку треба да продолжи и во периодот на нивната транзиција кон самостоен живот.

Министерот најави и активности за финансиско унапредување на положбата на згрижувачките семејства, вклучително и зголемување на надоместоците за општо и роднинско згрижување, како и подобрување на условите и поддршката за семејствата кои ја преземаат оваа значајна одговорност.

„Грижата за децата е долгорочна обврска на институциите и општеството. Вистинскиот успех на системот се мери преку можноста секое дете да има сигурност, поддршка, достоинствено детство и реални перспективи за подобра иднина“, порача министерот Велковски.

На крајот, тој упати благодарност до сите сегашни и поранешни вработени, стручни работници, воспитувачи и соработници кои во изминатите осум децении придонеле за развојот и работата на установата.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на системот на социјална и детска заштита, со фокус на најдобриот интерес на детето, развојот на семејните форми на згрижување и создавањето услови за сигурна и самостојна иднина на секое дете.

Мени за пристапност