Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска учествуваше на Националниот форум – саем на граѓански организации насловен „Соработка на владата и граѓанското општество“ организиран во соработка со програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската конфедерација.
Во своето обраќање пред присутните Велковски нагласи дека модерниот систем на социјална заштита мора да се движи во насока на европските стандарди и практики. Како и дека е клучно да се зајакне партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, со цел да се изгради систем кој е функционален, достапен и корисен за секој поединец.
„Со вклучувањето на лиценцирани даватели на услуги и со продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор, обезбедуваме домашна нега, лична асистенција, дневни центри, мали групни домови и низа иновативни услуги кои се приближени до реалните потреби на граѓаните. Во партнерство со Европската комисија се спроведува и проект за мониторинг и евалуација, со фокус на континуирано подобрување на квалитетот на услугите,“ посочи Велковски.
Тој истакна дека Министерството ќе продолжи да работи на развивање на нови форми и унапредување на постоечките услуги, со цел обезбедување на достоинствен и квалитетен живот за пензионерите, старите и изнемоштени лица, младите, родителите и децата кои се наоѓаат во социјален ризик.
„Градиме систем кој го става граѓанинот во центарот – силни поединци, силни семејства и хумано општество со еднакви можности за сите,“ порача Велковски.