Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Средба Велковски - Солдатов: Продолжуваме да градиме политики засновани на еднаквост и инклузија на ранливите граѓани

Средба Велковски - Солдатов: Продолжуваме да градиме политики засновани на еднаквост и инклузија на ранливите граѓани

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари средба со раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов.
На средбата беше потврдена досегашната успешна соработка меѓу Министерството и Советот на Европа, како и подготвеноста таа да продолжи и дополнително да се унапредува во повеќе области од значење за социјалната политика.
Соговорниците разговараа за можностите за продлабочување на соработката во областите на еднаквите можности и недискриминацијата, заштитата и поддршката на жртвите на трговија со луѓе, инклузијата и унапредувањето на условите за живот на ромската заедница, бесплатната правна помош  и социјалното домување. Се зборуваше и за можностите  за воспоставување на соработка за унапредување на социјалните услуги и деинституционализацијата.
Посебен акцент беше ставен на потребата од размена на европски искуства и добри практики, јакнење на институционалните капацитети и развој на решенија кои се во интерес на граѓаните и одговараат на нивните реални потреби.
„Нашата цел е да создаваме систем кој обезбедува еднакви можности, достоинство и поддршка за секој граѓанин. Соработката со Советот на Европа е значајна затоа што ни овозможува да ги користиме европските искуства и стандарди и да ги преточиме во конкретни политики и подобри услуги за граѓаните“, истакна министерот Велковски.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка преку стручна поддршка, обуки, размена на искуства и заеднички активности, со цел дополнително унапредување на системот на социјална заштита и инклузивните политики во Северна Македонија.
Министерот Велковски и Солдатов се согласија дека партнерството со Советот на Европа претставува важен придонес во процесот на унапредување на институционалните капацитети и приближување на националните политики до европските стандарди.

Мени за пристапност