Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Потпишани трипартитни договори за продолжување на проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“

Потпишани трипартитни договори за продолжување на проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски денеска присуствуваше на потпишувањето на трипартитните договори за соработка за проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“, со кои продолжува поддршката за вклучување на деца Роми од семејства во социјален ризик во јавните општински установи – детски градинки.

„Денес правиме уште еден конкретен чекор за создавање еднакви можности за секое дете. Ниту едно дете не смее да остане надвор од можноста за ран детски развој“, порача министерот Велковски.

Проектот се реализира од 2006 година во соработка со единиците на локалната самоуправа и детските градинки. Во периодот од 2006 до 2025 година, преку проектот бесплатно се вклучени околу 5.300 деца од ромската етничка заедница.

Од 2018/2019 година, проектот се спроведува преку системски пристап, со вклучување на единиците на локалната самоуправа и ослободување од плаќање партиципација за деца Роми од семејства во социјален ризик. Со мерката се опфатени деца чии родители се корисници на гарантирана минимална помош, деца Роми сместени во згрижувачки семејства, деца на самохрани родители, како и деца од повеќечлени семејства со еден вработен родител кој прима минимална плата.

Во учебната 2025/2026 година, во јавните детски градинки на национално ниво се запишани 526 деца Роми, од кои 180 деца од семејства во социјален ризик се опфатени со ослободување од партиципација.

За учебната 2026/2027 година, предвидено е проектот да продолжи со поддршка во 22 општини, со планиран опфат од 390 деца Роми од семејства во социјален ризик.

Министерот Велковски нагласи дека инклузијата не значи само запишување на детето во градинка, туку создавање услови тоа да расте, да се социјализира, да учи и да се развива заедно со своите врсници.

„Нашата цел е јасна – еднакви можности за секое дете. Искуството од изминатите години ни покажува што дава резултати. Следниот чекор е добрите механизми да ги вградиме во системот и да обезбедиме одржлива поддршка за децата и семејствата во социјален ризик“, истакна Велковски.

Тој ја истакна и важноста на партнерството меѓу централната и локалната власт, како и со детските градинки, бидејќи само преку заедничко дејствување може да се постигнат трајни резултати.

„Инвестицијата во децата е инвестиција во иднината на државата. Кога му даваме шанса на едно дете денес, создаваме подобро општество утре“, порача министерот Велковски.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на инклузивноста и создавање одржливи механизми за пристап до предучилишно образование, особено за децата и семејствата во социјален ризик.

Мени за пристапност